Партијата му изгласа недоверба на својот лидер само една година откако тој дојде на оваа функција. Членовите го обвинија Каселакис дека бил авторитарен и дека се оддалечил од партиската идеологија
Политичкиот секретаријат на грчката опозициска партија на синоќешниот вонреден состанок потврди дека Стефанос Каселакис е разрешен од функцијата претседател на Сириза.

Партијата му изгласа недоверба на својот лидер само една година откако тој дојде на оваа функција. Членовите го обвинија Каселакис дека бил авторитарен и дека се оддалечил од партиската идеологија.
Од Сириза соопштија дека Централниот комитет, како највисок орган на партијата и автентичен толкувач на статутот, со гласањето за предлогот за недоверба на Каселакис, автоматски го разреши од функцијата претседател на партијата и ги активираше одредбите од статутот за одржување на вонреден Конгрес.
„Почитувањето на одлуките на колективните органи на партијата и почитувањето на статутот и партиските процедури е обврска за секој член и функционер и никој не е над нив. Затоа, ова прашање е завршено“,
соопштија од Сириза во однос на одлуката на Политичкиот секретаријат, пренесе МИА.
Според грчките медиуми, вонредниот состанок одржан синоќа бил свикан поради внатрешно-партиските несогласувања по изгласаната недоверба во однос на тоа дали Каселакис треба да остане на лидерската позиција до конгресот на Сириза во ноември, како што тврделе и барале партиски членови кои го поддржуваат, сега веќе поранешниот претседател.
Поддржувачите на Каселакис, според истите информации, се собрале пред централниот објект на Сириза, додека, пак, Каселакис, преку социјалните мрежи, го осуди собирот како „чин на провокација“ и побара да не се организираат протестни собири, „пред сè да не ја саботираат посетата на шефот на пратеничката група на Сириза Никос Папас на Меѓународниот саем во Солун“ и ги повика своите поддржувачи да покажат смиреност, трпение и воздржаност.
„Вашиот гнев претворете го во креација. Тука сум“,
напиша Каселакис на социјалните мрежи.
На традиционалното претставување на главната опозициска партија на Меѓународниот саем што секоја година е непосредно пред затворањето на саемот, иако претходно беше најавен Каселакис, сепак Централниот комитет одлучи Сириза да ја претставува претседателот на пратеничката група Никос Папас, па така за време на претстојниот викенд тој ќе одржи низа средби во Солун, а за во недела е закажана прес-конференција.
Оставка одд позицијата завчера поднесе и портпаролката на Сириза, новинарката Вула Кехаја која функцијата ја извршуваше изминатите шест месеци. Таа за својата одлука за оставка информираше на социјалните мрежи без да ги открие причините.
Оставки во неделата вечерта по Централниот комитет на Сириза си поднесоа и шефицата на секторот за односи со јавност во партијата, како и шефот на прес-службата на претседателот на Сириза.
