Украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци бара од западните сојузници да ѝ дозволат на Украина да користи западно оружје, вклучително и американски ракети со долг дострел АТАЦМС и британски „сторм шедоус“, за да погоди цели длабоко на руска територија
Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека Западот директно ќе се соочи со Русија доколку ѝ дозволи на Украина да започне да ја напаѓа руската територија со западно оружје со долг дострел, потег што ќе ја промени природата и обемот на конфликтот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци бара од западните сојузници да ѝ дозволат на Украина да користи западно оружје, вклучително и американски ракети со долг дострел АТАЦМС и британски „сторм шедоус“, за да погоди цели длабоко на руска територија.
„Ова не е прашање дали треба или не на украинскиот режим да му се дозволи да ја нападне Русија со ова оружје. Прашање е дали земјите од НАТО се директно вклучени во воен конфликт или не. Доколку се донесе таква одлука, тоа нема да значи ништо друго освен директно вклучување на НАТО, САД и европските земји во војната во Украина. Тоа ќе биде нивно директно вклучување и, се разбира, значително ќе ја промени суштината, самата природата на конфликтот“,
рече Путин.
Русија, предупреди тој, ќе мора да донесе „соодветни одлуки“ врз основа на новите закани.
Путин во повеќе наврати досега има изјавено дека земјите од НАТО, не само што разговараат за можноста украинската армија да користи ракети со различен дострел туку разговараат и за директно вклучување во војната.
„Само воениот персонал на НАТО може да ги контролира летовите на гореспоменатите ракетни системи. Тоа е можно само со помош на разузнавачки податоци од сателити, кои Украина ги нема. Поентата е да се донесе одлука дали земјите од НАТО треба да бидат директно вклучени во конфликтот или не“,
рече Путин.
Русија во моментов контролира над 18 отсто од територијата на Украина.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и шефот на британската дипломатија Дејвид Лами завчера беа во посета на Киев од каде најавија нови пакети помош за Украина во вредност од 1,5 милијарди долари.
Во врска со барањето на Украина за дозвола за користење на западно оружје со долг дострел, британски „Гардијан“ во дел од изјавите на Блинкен виде досега најсилно навестување дека Белата куќа е на пат да им излезе во пресрет на барањата на Киев. Имено, американскиот државен секретар на прес-конференцијата рекол дека САД уште „од првиот ден“ покажале подготвеност да ја приспособуваат својата политика согласно промените на ситуацијата на бојното поле во Украина
„Ние ќе продолжиме да го правиме тоа“,
рекол Блинкен.
Шефот на британската дипломатија, исто така, сугерирал дека испраќањето балистички ракети на Иран во Москва, потврдено оваа недела, го променило стратегиското размислување во Лондон и Вашингтон.