Основата на уставната реформа, предложена од левичарскиот претседател во заминување, Андрес Мануел Лопез Обрадор, се директните избори со народно гласање на повеќе од 6 500 судии, вклучувајќи го и Врховниот суд. Со реформата се предлага и намалување на бројот на судии во Врховниот суд од 11 на 9, кратење на нивниот мандат на 12 години и намалување на потребното работно искуство од 10 на 5 години
Сенатот на Мексико денеска ја одобри сеопфатната реформа на судството која вклучува директни избори со народно гласање на повеќе од 6 500 судии, вклучувајќи го и Врховниот суд, во целосна ревизија на судството што може да го загрози владеењето на правото и да ѝ наштети на економијата, тврдат критичарите.
Во маратонската 12-часовна седница, која мораше да биде прекината и поместена поради упадот на демонстрантите во зградата на Сенатот, владејачката партија Морена и нејзините сојузници успеаја да обезбедат две третини од гласовите потребни за усвојување на реформата што предизвика протести и штрајк од страна на вработени во правосудството и го потресе пазарот.
Основата на уставната реформа, предложена од левичарскиот претседател во заминување, Андрес Мануел Лопез Обрадор, се директните избори со народно гласање на повеќе од 6 500 судии, вклучувајќи го и Врховниот суд. Со реформата се предлага и намалување на бројот на судии во Врховниот суд од 11 на 9, кратење на нивниот мандат на 12 години и намалување на потребното работно искуство од 10 на 5 години.
Со аплауз и одобрение на владејачкиот блок, 86 сенатори ја поддржаа реформата, додека 41 беа против. Реформата стапува на сила по објавувањето во мексиканскиот службен весник.
На овој исход ѝ претходеше жестока дебата и вистинска политичка драма, а на почетокот на седницата на владејачката коалиција ѝ недостигаше еден глас за мнозинството кое би обезбедило сигурно усвојување на уставните реформи.
Но, на крајот, еден пратеник од опозицијата ги прекрши партиските линии и гласаше за реформата, додека друг беше отсутен, со обвинување дека бил приведен за да го спречат да гласа. Морена отфрла секаква вина.
„Ова е тажен ден за Мексико. Реформата беше изгласана во Сенатот со помош на трикови и под незамислив притисок и принуда“,
рече сенаторот Алехандро Морено, претседател на опозициската Институционална револуционерна партија (ПРИ).
Зеленото светло за спроведување на уставните реформи и програмата за економски национализам е голема победа за претседателот во заминување Лопез Обрадор, кој тврди дека судската реформа била потребна за да му служи на народот, а не да ги фаворизира интересите на елитите и криминалците.
Владата сака посилна контрола врз клучните сектори
Лидерот на левицата, исто така, рече дека сака да го промени уставот за да ја зајакне контролата на владата врз клучните сектори во економијата, вклучително и енергетиката.
Критичарите, сепак, се загрижени поради алармантната концентрација на моќ во рацете на владејачката партија и враќањето на авторитарен систем на владеење.
Главните трговски партнери на Мексико, САД и Канада, предупредија дека промените би можеле да го поткопаат трговскиот пакт на трите земји и негативно да влијаат на инвестициите.
Усвоените реформи ги заплашија пазарите, а од победата на Морена, мексиканскиот пезос ослабе за 17 проценти.
По заминувањето на Лопез Обрадор, на 2 октомври претседателската функција ќе ја преземе Клаудија Шејнбаум, која во првите месеци од мандатот ќе треба да се справи со потенцијалните негативни последици од реформата.