Тоа ќе биде прва дебата меѓу Трамп и Харис, дури и нивна прва средба. Претседателските избори во САД ќе се одржат на 5 ноември
Кандидатката на американските демократи, потпретседателката Камала Харис вчера пристигна во Филаделфија, каде што вечерва на Еј-би-си њуз ќе се одржи ТВ-дебата со поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп.
Тоа ќе биде прва дебата меѓу Трамп и Харис, дури и нивна прва средба. Претседателските избори во САД ќе се одржат на 5 ноември.
Харис рече дека се чувствува „добро“ пред дебатата. Воедно изјави дека е подготвена на можни лични навреди од Трамп, кој и претходно ја нападна врз основа на расниот идентитет и интелигенцијата, пишува „Дојче веле“.
„Нема ограничување колку ниско ќе оди и треба да бидеме подготвени за тоа. И треба да бидеме подготвени на фактот дека тој веројатно ќе каже многу невистини“,
изјави Харис.
Харис ќе го критикува поранешниот претседател поради правото на абортус, откако Врховниот суд, со помош на конзервативното мнозинство, го укина законот кој дозволуваше абортус – потег на судот што Трамп го поддржува. Таа, исто така, најверојатно ќе ја критикува улогата на Трамп во нередите во Капитол на 6 јануари 2021 година и ќе оцени дека доколку ја преземе функцијата, ќе ја спроведе ултраконзервативната политичка платформа „Проект 2025“.
Што се однесува до Трамп, тој веројатно ќе ја критикува Харис во врска со инфлацијата и справувањето на актуелната администрација со проблемот со мигрантите на границата меѓу САД и Мексико. Трамп е познат и по тоа што е непредвидлив кога станува збор за дебати и јавни настани.
„Не можете да се подготвите за претседателот Трамп. Едноставно нема начин да се направи тоа“,
им рече на новинарите советникот на Трамп во кампањата, Џејсон Милер.
Тој ја спореди Камала Харис со „боксер кој се обидува да се подготви за Мухамед Али“.
„Не знаете од кој агол ќе тргне кон вас“,
рече Милер.
Поранешната демократска конгресменка Тулси Габард му помага на Трамп во подготовките за кампањата. Габард има искуство бидејќи и претходно се сретнувала со Камала Харис во дебатите на прелиминарните избори на Демократската партија во 2020 година.
ТВ-дуелот е значаен и поради претставувањето на кандидатите. Харис претходно беше обвинител во својата родна држава Калифорнија пред да биде назначена на повисока функција, а Трамп е осуден и се соочува со десетици обвиненија.
Возраста исто така ќе има улога во сцената и начинот на кој ТВ-гледачите го доживуваат дуелот, оценува „Дојче веле“. Трамп има 78, Харис 59. Претходникот на Камала Харис, 81-годишниот Џо Бајден, актуелен претседател, ја повлече својата кандидатура поради загриженост за своите возраст и здравје.
На дебатата ќе се разговара за економија, имиграција, надворешна политика и други теми, но и начинот на кој кандидатите се појавуваат пред камерите ќе остави траен впечаток кај гласачите.
