Од партијата велат дека ненавременото сервисирање на „ертракторите“ и хеликоптерите не е случаен пропуст, туку јасен показател за односот на ВМРО-ДПМНЕ кон кризата со пожарите

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ за неисправноста на „ертракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Од СДСМ велат дека покрај два од трите „ертрактори“, во исто време неисправни се и два полициски хеликоптери кои се опремени за гаснење на пожари.
„Навистина е голема среќа што заврна дожд и што ќе ги изгасне пожарите. Инаку моменталната ситуација е катастрофална. СДСМ остро ја осудува оваа катастрофална ситуација која е резултат на негрижата и неспособност на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“,
се вели во денешното соопштение од опозициската СДСМ.
Оттаму додаваат дека ненавременото сервисирање на „ертракторите“ и хеликоптерите не е случаен пропуст, туку јасен показател за односот на ВМРО-ДПМНЕ кон кризата со пожарите.
„Изгореа преку осум отсто од територијата на државата а ВМРО-ДПМНЕ се фокусира на лаги, манипулации и политикантство наместо сериозно да се бори со кризата и да работи“,
се додава во соопштението од СДСМ.
Обвинувањата на СДСМ доаѓаат откако вчера директорот на ДЗС, Џеват Селами, рече дека само еден од трите „ертрактори“ што ги поседува Дирекцијата за заштита и спасување е функционален и може да се користи за гаснење на пожарите низ државата, а за уште еден денеска треба да се знае во каква состојба е и дали ќе може да лета.
Тој вели дека минатата недела биле повикани механичари од Шпанија и ги поправиле авионите. Едниот авион, како што вели Селами, треба да се сервисира, а другиот авион бил поправен од страна на механичарите од Шпанија и работел, но следниот ден се појавил истиот проблем.
Изминатите месеци во државата секојдневно имаше по 30 пожари на отворено. Во одредени денови, особено во месец јули, поради неможноста институциите сами да се справат со гаснењето на пожарите, во земјата пристигнуваше помош од соседните, но и од одредени европски земји. Во гаснењето на пожарите учествуваа екипи, хеликоптери и „ертрактори“ од Србија, Чешка, Германија и Кипар.
Утринава од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека сите 22 пожари на отворен простор се изгаснати од дождот.
