Според Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) во моментов нема потреба од дополнителни летала за гаснење на пожарите. Едниот „ертрактор“, како што вели се користи за превентивно гаснење на пожарот во прилепско
Само еден од трите „ертрактори“ што ги поседува Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) е функционален и може да се користи за гаснење на пожарите низ државата. Ова денеска за МИА го соопшти Џеват Селами, директорот на ДЗС, посочувајќи дека за другиот авион ќе се знае до утре во каква состојба е и дали ќе може да лета.
Пред три дена биле повикани механичари од Шпанија и ги поправиле авионите, но следниот ден се појавил истиот проблем.
„Едниот авион треба да се сервисира, а другиот авион го поправивме пред три дена кога во Прилеп оперираа два авиони. Ги повикав механичарите од Шпанија, ги поправија авионите и работеа. Но, следниот ден се појави истиот проблем. Во моментов само едниот авион е во употреба, а за другиот мора да се почека до утре да се види во каква состојба е и дали ќе може да лета“,
вели Селами.
Според Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) во моментов нема потреба од дополнителни летала за гаснење на пожарите.
Едниот „ертрактор“, како што вели се користи за превентивно гаснење на пожарот во прилепско.
„Иако пожарот не е тежок, страв ни е да не излее од контрола, бидејќи брзо се суши вегетацијата“,
рече Ангелов.
Изминатите месеци во државата секојдневно имаше по 30 пожари на отворено. Во одредени денови, особено во месец јули, поради неможноста институциите сами да се справат со гаснењето на пожарите, во земјата пристигнуваше помош од соседните, но и од одредени европски земји. Во гаснењето на пожарите учествуваа екипи, хелихоптери и „ертрактори“ од Србија, Чешка, Германија и Кипар.
