Премиерот во своето обраќање на централната свеченост по повод одбележувањето на Денот на независноста, повика на исполнување на 10 принципи околу, како што кажа, треба да се создаде заедништво и сплотеност на сите фактори во општеството, а не само на власта „или неколку партии во опозицијата“, за да се справиме со предизвиците и да чекориме на патот кон просперитет
Тој упати и порака до опозицијата, за која рече дека тоне во тотална безидејност и целосна неконструктивост и ја повика да престане со деструктивните игри кои ја ставаат државата во опасност
Во изминатите 33 години се соочивме и со многу предавства од страна на неодговорни политички лидери кои ги продаваа нашите национални интереси. Денес сме тука да се увериме дека тоа никогаш повеќе нема да се повтори. Имаме свои национални интереси и тие интереси ќе бидат заштитени по секоја цена. Нема да бидеме монета за поткусурување на никој. Ние ќе се бориме за нашите интереси и за нашето достоинство и ве уверувам дека ќе успееме!
Ова, меѓу другото, го истакна премиерот Христијан Мицкоски во својот говор на централната свеченост од одбележувањето на Денот на независноста – 8 Септември, што денеска попладне се одржа во Македонската филхармонија.
Со говорот на премиерот, кој траеше нешто повеќе од 20 минути, а во кој тој се осврна на историските случувања кои доведоа до Референдумот и предизвиците кои и претстојат на државата, беше заокружена свеченоста на која претходно присутните гости имаа можност да проследнат пригодна културно-уметничка програма.
„Во моментите кога други народи беа вовлечени во крвави конфликти, таа генерација водачи ја избраа мудроста наместо насилството; компромисот наместо конфликтот. Благодарение на нивната решителност, но пред се со мудроста на народот и силната верба државата го зачува мирот и се издигна високо кон небото како независна држава. Тоа е благослов кој го добивме и тој благослов нè обврзува да ја чуваме и унапредуваме нашата држава бидејќи тоа е најголемата животна, цивилизациска и историска привилегија на една нација“,
рече Мицкоски говорејќи за патот до независноста на државата.
Денес битката е како ќе направиме големи чекори, вели премиерот
Денес, рече тој, сме исправени пред нова борба, која, како што кажа, е еднакво значајна како и создавањето на татковината. Во тој контекст премиерот посочи дека ентузијазмот пред 33 години и оној денеска не се исти, но оти тоа не значи дека по децениските разочарувања битката треба да престане.
„Тоа не е опција. Затоа што патриотизмот постои и денес, и денес оваа генерација ја има битката која треба да се издвојува. Тогаш битката беше како ќе се исправи на нозе, денес битката е како ќе направиме големи чекори напред. Големи кнедли беа проголтани и кои како диво месо се распространија во срцето на нашиот организам. Сето тоа искуство сега ни носи разочарување и постојана дилема кај многу луѓе дали ќе успееме. Истото тоа разочарување натера многу луѓе да си заминат, и мнозина да се дистанцираат од политиката. Но, ве уверувам дека има надеж и ќе се борам до последниот атом да кажам дека сме поразлични од се до сега и дека ги менуваме работите“,
рече Мицкоски.
Како нација, посочи премиерот, имаме две цели, да го победиме разочарувањето и да ја сузбиеме корупцијата и криминалот кои се метастазирани во сите делови на општеството.
„Како премиер јавно истакнувам уште еднаш дека ја преземам личната обврска бескомпромисно да ја водам оваа борба со непоколебливост и со одлучност. Секој од нас мора да биде дел од оваа битка, бидејќи корупцијата не е само проблем на владата, туку проблем на целото општество, а јас би рекол и безбедносен проблем“,
кажа премиерот.
Овие предизвици, според Мицкоски, можат да се постигнат само со единство, а не со деструкции и поделби.
Десетте принципи на Мицкоски
Затоа, како што кажа, денеска соопштува десет принципи околу треба да се создаде заедништво и сплотеност на сите фактори во општеството, а не само на власта „или неколку партии во опозицијата“.
Како прв принцип, Мицкоски ја наведе неопходноста од воспоставување на правна држава. Порача дека мора да се прекине со партизацијата на општеството, како и ограда од етничките конфликти. Во врска со ова, премиерот рече дека, мора да ги изолираме елеметите кои создаваат меѓуетничко неединство.
„Мора да ставиме мораториум на етнички произведените теми зад кои стои лукративниот интерес на поединци. Мора да се стави крај на листата, на долгата листа желби за етнички права зад кои вистински стои ништо повеќе, туку личниот интерес на тие кои ги произведуваат, за сметка на колективниот. Колку само отсутно звучи кога некој ќе побара дводомност, а во Липково и Тетовско нема вода за пиење. Јас сакам решенија за личните проблеми на народот, а не решенија за личните интереси на малите групи политичари кои ја злоупотребуваат колективната мака на народот“,
рече Мицкоски.
Економијата, подобрувањето на стандардот на граѓаните, праведно општество, квалитетно образование беа другите принципи кои ги истакна премиерот.
Како седми тој го наведе исполнувањето на стратешката цел – членството во Европската Унија. Во врска со ова, Мицкоски рече дека е подготвен да разговара за секое прашање, но не е спремен за секоја отстапка по секоја цена.
„Немаме друга алтернатива, ниту пак постои друга реална шанса. Желбата на народот за членство во Унијата е желба за подобар стандард, повисоки критериуми и повеќе пари и среден систем. И ние како Влада и општество не смееме да отстапиме од Европскиот пат. Но, воедно мора се знае горкото чувство кое го има секој наш човек дека предолго чекаме пред вратите на Унијата, а вербата во таквата иднина е напаѓана со безброј политички препреки, наместо суштински и системски критериуми кои ќе го направат животот подобар. Затоа денес секој македонски граѓанин има грутка во грлото од премногу постапки и штетни договори. Спремен сум да разговарам за секое прашање, но не сум спремен за секоја отстапка по секоја цена. Дајте да направиме големи чекори и да градиме вистински процес на напредок“,
порача Мицкоски.
Единството, борбата против иселувањето и вербата во идеолошките битки, тој ги истакна како останати принципи околу кои треба да се постигне единство.
„Нашата, мојата е заедничкиот патриотизам, кој треба да не обедини. Тој не е ништо друго туку заедничко верување и заедничка борба за иднината во државата. Тој треба да не обедини сите, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци и сите останати под македонското сонце. Не да се радуваме на мали искри, туку заеднички за големи победи и големи чекори напред. Премногу е пропуштено и треба многу да се направи“,
рече Мицкоски.
Опозицијата да престане со деструктивни игри, порача премиерот
Во својот говор тој упати и порака до опозицијата, за која рече дека тоне во тотална безидејност и целосна неконструктивост и ја повика да престане со деструктивните игри кои ја ставаат државата во опасност.
„Дојде времето да свртите нова страница во која опозицијата нема повеќе да биде фактор на нестабилност туку активен учесник во градењето на нашата заедничка иднина. Треба да престане старата пракса во која кога сте на власт тргувате со слободата и државноста на нашиот народ, а кога сте во опозиција ги ставате личните и партиските интереси пред интересите на татковината. Силна опозиција е од суштинско значење. Јас се надевам дека процесот на консолидација на СДСМ по катастрофалниот пораз ќе заврши брзо и ќе дојде едно ново време на демократско, но и патриотско опозициско делување. Татковината е толку силна колку што се обединети нејзините политички партии. Да работиме заедно за доброто на граѓаните“,
рече Мицкоски.