Мора да се победи разочарувањето што ни го оставија и криминалот и корупцијата кои денес се најважните проблеми против кои се бориме, наведува, меѓу другото, премиерот во честитката
Премиерот Христијан Мицкоски преку објава на социјалните мрежи го честита Денот на независноста – 8 Септември, за кој вели дека најголемиот светилник на постоењето на македонската држава.
„На овој ден првпат се слушнаа зборовите ‘Да ви ја честитам суверена и слободна Република Македонија’ на плоштадот ‘Македонија’ каде што се прославуваше независноста. Воедно, да не заборавиме дека 8 Септември е стремежот на илјадници претходно борци за слободна и своја држава. Тогаш се градеа темелите на Републиката и создаваа институции, но и денес имаме битки кои мора да ги победиме, заеднички, поинакви, иако поинакви сепак подеднакво важни“,
напиша премиерот на Фејсбук.
Во таа насока, Мицкоски подвлекува дека мора да се победи разочарувањето кое, како што вели, ни го оставија криминалот и корупцијата кои денес се најважните проблеми со кои се бориме.
„Секој атом од силите да го вложиме во градба на иднина каква заслужува секој еден човек. Овој пат државата е на потег и нејзе ја враќаме на народот. Да создадеме земја на среќни граѓани и силна економија. Општество кое ќе одговара на реалните потреби и ќе нуди реални решенија. Да си ги зачуваме луѓето овде во нашата татковина“,
вели премиерот во честитката.
Оваа генерација, порачува тој, има обврска да ги исправи грешките и да создаде иднина за сите наредни.
Повикувајќи се на годишното мото на одбележувањето на Денот на независноста – „Заедно се бориме, заедно ќе успееме“, премиерот истакнува дека ова е нашата заедничка битка.
Инаку, претседателот на Владата, како што е предвидено, денеска ќе има свое обраќање на свечената академија во Македонската филхармонија, со што ќе биде заокружен централниот настан од одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста.