За жал, вели таа во честитката по повод Денот на независноста – 8 Септември, по 33 години ентузијазмот и надежта се засенети од многубројните предизвици со кои се соочивме како држава, од надворешни притисоци и непринципиелни блокади, преку внатрешни поделби, па сè до политички и безбедносни кризи
Заокружувајќи го делото на илинденците и асномците, ја презедовме одговорноста да градиме модерна, европска, правна држава која ќе обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот. Ова во својата честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста го вели претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
Осврнувајќи се на овој значаен датум од македонската историја, претседателката посочува и на предизвиците со кои се соочивме и со кои се соочуваме како држава.
За жал, вели таа, по 33 години ентузијазмот и надежта се засенети од многубројните предизвици со кои се соочивме како држава, од надворешни притисоци и непринципиелни блокади, преку внатрешни поделби, па сè до политички и безбедносни кризи.
„Низ годините имавме и успеси и грешки, и подеми и падови. Пропуштените можности, сеприсутната партизација и политизација и хроничната корупција ги отуѓуваат граѓаните и ги иселуваат младите“,
вели Сиљановска-Давкова.
Според претседателката, наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.
Вели дека мора ги вложиме сите лични и институционални капацитети за да ја направиме македонската република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани.
„Република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите“,
посочува претседателката.
Само со европеизација на државата, со владеење на правото и со борба против корупцијата, порачува Сиљановска-Давкова, ќе им овозможиме на младите генерации правото на потрага по среќа да го остварат дома. Да работат во заедничката татковина, каде ќе основаат семејства и ќе создаваат иднина.
„Само така, ќе ја обновиме надежта и ќе го вратиме ентузијазмот од почетокот на македонската независност“,
порачува претседателката на државата во честитката по повод Денот на независноста – 8 Септември.
Претходно во неа, таа се навраќа на настаните од 8 септември 1991 година, на кои, како што вели, македонските граѓани, користејќи го правото на самоопределување, ја изразија својата волја и во огромен број го дадоа својот глас за суверена и независна македонска република.
„Освен на референдумското ливче, таа волја беше изразена и преку озарените лица на илјадниците граѓани спонтано собрани на плоштадот „Македонија“, каде што со голем ентузијазам и надеж за иднината ѝ се радуваа на независноста. Со тој чин, тие, ние, македонските граѓани, на мудар, демократски и мирољубив начин, во согласност со Повелбата на Обединетите Нации, ја напуштивме федерацијата што се распаѓаше и зачекоривме во новата етапа на македонската државност“,
напиша претседателката во честитката.