Астронауите Сани Вилијамс и Буч Вилмор со уште седум колеги и понатаму се на Меѓународната вселенска станица, откако минатиот месец НАСА процени дека е ризично по нивните животи да се вратат назад на Земјата со капсулата кај која се јавија технички проблеми уште при лансирањето
Вселенското летало „Старлајнер“ на компанијата „Боинг“, вчера доцна вечерта, според средноевропско време, безбедно се врати на Земјата, но астронаутите на американската вселенска агенција НАСА кои требаше да бидат во него останаа на Меѓународната вселенска станица, пренесуваат светските агенции.

Астронауите Сани Вилијамс и Буч Вилмор со уште седум колеги и понатаму се на Меѓународната станица, откако минатиот месец НАСА процени дека е ризично по нивните животи да се вратат назад на Земјата со капсулата кај која се јавија технички проблеми уште при лансирањето, објави агенцијата Асошиејтед прес (АП).
Наместо тоа, НАСА одлучи да ги врати астронауите со летало на „Спејс икс“ што треба да се случи кон крајот на февруари следната година. Со тоа, она што требаше да претставува еднонеделен пробен лет во јуни годинава, се претвори во осуммесечна мисија за двајцата астронаути на американската вселенска агенција.
Имено, Вилмор и Вилијамс требаше да се вратат на Земјата со „Старлајнер“ до средината на јуни, една недела по лансирањето на леталото. Уште тогаш се појавија проблеми со погоните на леталото и беше детектирано истекување на хелиум, поради што НАСА одлучи дека е премногу ризично двајцата астронаути да се вратат на земјата со истото летало.
Инаку, американската вселенска агенција објави дека по шестчасовен лет, „Старлајнер“ безбедно се спуштил во пустината во Ново Мексико и најави дека капсулата ќе биде пренесена на проверка во вселенскиот центар „Кенеди“ во Кејп Канаверал на Флорида.
Следното лансирање на летало на „Спејс икс“ до Меѓународната вселенска станица е закажано за крајот на септември. Поради ситуацијата со „Старлајнер“, наместо планираните четворица астронаути, леталото на „Спејс икс“ ќе патува со двајца за да може да ги врати Вилмор и Вилијамс во февруари.
Инаку, Меѓународната вселенска станица е заеднички проект за истражување на вселената на Соединетите Американски Држави, Русија, Јапонија, Канада, Бразил и Европската Унија. Се наоѓа во орбитата околу планетата Земја на надморска височина од 360 километри.

„Спејс икс“ досега испрати девет комерцијални летови со астронаути на НАСА во вселената, додека летот на „Старлајнер“ беше првиот обид на „Боинг“ за мисија со екипаж.
Од НАСА соопштија дека Агенцијата останува посветена на планот двете конкурентски американски компании да продолжат да носат астронаути. Оттаму велат дека целта е „Спејс икс“, компанијата основана од Илон Маск и „Боинг“ да ги менуваат екипите за лансирање еднаш годишно додека Меѓународната вселенска станица конечно не биде напуштена во 2030 година.
НАСА потпиша договори за комерцијални вселенски летови со двете компании во 2014 година. Вредноста на договорот со „Боинг“ изнесува 4,2 милијарди долари, додека оној со „Спејс икс“ е 2,6 милијарди долари, потсетува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
