Јаневска е првиот висок претставник на ВМРО-ДПМНЕ и министер од оваа партија кој отстапи од досегашната пракса на именување на државата во јавните настапи и изјави
„Она што се случи, мојата пауза во мојот говор само е одраз на чувствата кои грото Македонци ги имаат за жртвата која ја прават кон приближувањето на Европската Унија, но законот ќе го почитуваме. Па, така, се надевам дека граѓаните ќе имаат разбирање за нашата желба за влез во Европската Унија и за големите жртви кои ние ги правиме во тој правец“, го образложи министерката за образование својот потег
Министерката за образование и наука Весна Јаневска за време на денешната посета на Штип во изјава за медиумите го употреби уставното име на државата – Република Северна Македонија.
Ова не би било вест доколку изминатиов период една од најактуелните теми во политичкиот дискурс во земјава не беше позицијата на претседателката на државата, премиерот и другите функционери во власта од ВМРО-ДПМНЕ во јавните настапи на домашен терен да го користат старото име Република Македонија или само Македонија.
Јаневска е првиот висок претставник на ВМРО-ДПМНЕ и министер од оваа партија кој отстапи од досегашната пракса на именување на државата во јавните настапи и изјави.
Таа, по денешната средба со градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски, говорејќи за потребата од развој на стратегија за подобрување на образованието на сите нивоа, употреби – „во Република Македонија“, но веднаш потоа, оддалечувајќи се од микорфоните, направи пауза во изјавата, па продолжи и рече оти се извинува и кажа „во Република Северна Македонија“.
„Денеска имавме навистина плодна и конструктивна средба со градоначалникот на Општина Штип и со ректорот на универзитетот во Штип, на која опфативме повеќе аспекти од сите нивоа на образованието и на големо задоволство дојдовме до еден заклучок дека треба да направиме интегрирање во повеќе области и да се развие една стратегија за подобро образование во основното, средното и високото образование во Република Македонија каде што…, се извинувам, во Република Северна Македонија, каде што очекуваме подобрување на севкупниот квалитет во образованието…“,
рече Јаневска.
По изјавата на ректорот на штипскиот универзитет, на барање на новинарите кои имаат прашања за неа, пред микрофоните повторно застана Јаневска.
Пред да почнат со поставувањето на прашањата, Јаневска даде објаснување за, како што кажа, паузата во својот говор претходно.
„Она што се случи, мојата пауза во мојот говор само е одраз на чувствата кои грото Македонци ги имаат за жртвата која ја прават кон приближувањето на Европската Унија, но законот ќе го почитуваме. Па, така, се надевам дека граѓаните ќе имаат разбирање за нашата желба за влез во Европската Унија и за големите жртви кои ние ги правиме во тој правец“,
рече Јаневска.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во досегашните јавни настапи во земјава не го користи уставното име на државата, исто како и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, велејќи дека нивно човеково право е да ја нарекуваат државата како сакаат, што предизвика остри реакции од Грција и од стратешките партнери на државата, ЕУ и САД.