Информацијата првично ја објави порталот „Либертас“, а за МИА сега ја потврдуваат и од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова информирајќи дека писмената оставка на Фрчкоски пристигнала до претседателскиот кабинет
Македонскиот амбасадор во Организацијата на обединетите нации (ООН) во Њујорк, Љубомир Фрчкоски, поднесе оставка од функцијата. Информацијата што првично ја објави порталот „Либертас“, во изјава за МИА сега ја потврдуваат и од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова информирајќи дека писмената оставка на Фрчкоски пристигнала во претседателскиот кабинет.
За оставката, како што објави „Либертас“, Фрчкоски го известил и Министерството за надворешни работи.
„360 степени“ утринава праша во МНР дали го добиле известувањето од Фрчкоски за оставката и како ја коментираат, со оглед на тоа што тој требаше да има консултации со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Потврдија оти се известени за оставката.
„Потсетуваме дека согласно член 45 од Законот за надворешни работи, мандатот на амбасадорот може да трае и пократко од 4 години, особено во случај доколку и самиот тоа го побара, како што е случајот со дадената оставка од страна на амбасадорот Фрчкоски. Во истиот член е наведено дека кога ќе биде исполнет условот од став 1 на наведениот член, претседателот го отповикува амбасадорот најдоцна во рок од 30 дена. Согласно погоре наведеното надлежните институции во наредниот законски определен период ќе ги преземат сите потребни чекори за целосно заокружување на постапката поврзана со статусот на споменатиот амбасадор“,
велат од МНР за „360 степени“.
Љубомир Фрчкоски неодамна беше повикан на разговор во МНР поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото, но како што изјави министерот Тимчо Муцунски, до разговорот сè уште не дошло поради здравствени причини на амбасадорот.
Во март 2022 година Љубомир Фрчкоски замина како амбасадор на земјава во ОН откако тогашниот претседател Стево Пендаровски го потпиша указот за негово заминување во мисијата. Фрчкоски, сепак, не успеа да ја презентира својата платформа пред собраниската Комисија за надворешни работи бидејќи тогашниот комисиски претседател Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, во најмалку два наврати, не закажа седница на Комисијата.
Од кабинетот на шефот на државата тогаш објаснија дека постапката за именување амбасадор завршува со одбраната на тезите на кандидатот пред колегиумот на МНР, што Фрчкоски го направил уште во 2021 година.