ДУИ е посветена на стабилноста, безбедноста, мирот, добрите меѓуетнички и меѓусоседски односи како и европската интеграција и отфрла секакви монтирани политички владини обиди за дестабилизација, рекол лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на средба со евроамбасадорот Дејвид Гир
Тенденциозни се предупредувања на премиерот Мицковски за дестабилизација, кажал лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на денешната средба со евроамбасадорот во заминување Дејвид Гир.
Ахмети уверува дека ДУИ е посветена на мирот и стабилноста и дека е најпосветениот партнер на Европската Унија и САД.
„Ахмети зборуваше и за тенденциозните предупредувања на премиерот Мицковски за дестабилизација, истакнувајќи загриженост за можно намерно владино инсценирање преку обвинувања на други со цел да се дефокусира јавноста од потфрлувањата на власта. ДУИ е посветена на стабилноста, безбедноста, мирот, добрите меѓуетнички и меѓусоседски односи како и европската интеграција и отфрла секакви монтирани политички владини обиди за дестабилизација“,
соопштија денеска од ДУИ по средбата Ахмети-Гир во партиското седиште во Тетово.
На темата „дестабилизација“, премиерот Христијан Мицкоски денеска во низата изјави, кажа дека има индиции оти високи функционери во поранешни влади се обидуваат да предизвикаат меѓуетнички конфликт. Тој повторно не споменува имиња, но тврди „тоа го прават елементи кои располагаат со огромни милионски суми на пари“.
Мицкоски извесен период споменува можност за дестабилизација поврзувајќи ја со активности што ги планира ДУИ за наесен. Со иста теза јавно излезе и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, но и тој не кажа повеќе детали.
Од друга страна, пак, на прашање на „360 степени“ до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова – дали во врска со овие информации таа планира да го свика Советот за безбедност и дали вакви информации поседува и нејзиниот кабинет, одговорот оттаму беше краток – не.
Инаку, на денешната средба Ахмети и Гир размениле мислења и зa Охридскиот договор, Преспа и добрососедството со Бугарија, евроинтеграциите, реформите во согласност со очекувањата на ЕУ, изборниот легитимитет итн.
„Претседавачот Ахмети ја елаборираше нацрт-платформата за легитимитет подготвена од авторот на Охридскиот договор Пол Вилијамс и ПИЛПГ, мислењата на локалните експерти и чекорите што ДУИ и Европскиот фронт ќе ги преземат во одбрана на легитимитетот“,
се вели во соопштението на интегративците.