Врвот на епидемијата е поминат, можен е нов бран со почетокот на есента, а на институциите на државата треба да им се обезбеди што поскоро полн легитимитет, сметаат од коалицијата „Можеме“
Средината на јуни е најоптимален термин за одржување на десеттите парламентарни избори. Тоа е предлогот со кој лидерот на СДСМ Зоран Заев ќе настапи на лидерската средба во вторник кај претседателот Стево Пендаровски.
Овој термин за одржување на изборите, за што дејствијата беа прекинати на 22 март, е утврден како најповолен на денешната средба во седиштето на СДСМ на коалицијата „Можеме“.
По средбата, за која Заев тврди дека се одржала согласно со препораките на Владата за носење заштитна опрема и дистанца од најмалку 1,5 метри, лидерот на СДСМ ги презентира аргументите со кои во вторник ќе се обиде да ги убеди лидерите на другите парламентарни партии дека изборите, како што рече, треба да се одржат веднаш, во првиот момент кога ќе се создадат услови за тоа, согласно со ситуацијата со здравствената криза во земјава.
Кои се позициите на СДСМ
-Врвот на епидемијата е поминат, интензитетот на заразата се намалува, а зголемувањето на бројките на нови случаи во два наврати, главно во Велес и во Тетово, е резултат на кластери на зараза, односно контакт со други заразени лица. Треба да се искористи моментот на олабавување на заразата и на мерките ;
-Можен е нов бран од епидемијата со почетокот на есента, кога повторно би било невозможно да се оди на избори, со што би се исцрпеле и уставните можности за менаџирање на ситуацијата со институциите кои и сега функционираат на техничко ниво;
-Треба што поскоро да се овозможи избор на политичка влада и институциите да почнат да функционираат со полн капацитет и легитимитет пред можната нова криза со коронавирусот наесен;
-Северна Македонија веќе два месеца е во вонредна состојба, четири месеци е со техничка влада, а парламентот е распуштен веќе трет месец;
–Од ОБСЕ/ОДИХР најавија дека ќе можат да испратат набљудувачка мисија за изборите;
–И други земји од регионот сега го користат моментот за одржување избори, по завршувањето на вонредната состојба;
Ако се отвораат рестораните, може да се отворат и гласачките места
Оценката на коалициските партнери од „Можеме“ е дека институциите во земјава добро се справуваат со кризата, но дека не смее да има опуштање, туку е потребна и понатамошна претпазливост, пренесе Заев. Според него, доцна е за избори во јули, затоа што, како што оцени, не е добро да се организира гласање на 40 степени Целзиусови.
„Ние зборуваме за отворање на рестораните и кафулињата, а не можеме да разговараме за избори. Треба да се има предвид и психолошкиот момент на очекување да се одржат изборите и да се избере новиот парламент, а потоа и политичка влада. Најдобро е изборите да се одржат што поскоро, а не во период на жештини, кога граѓаните, ако веќе не се на одмор, ќе бидат на првата полјанка или рид“,
рече Заев.
Тој рече дека се следат препораките за организирање избори во вакви кризни ситуации. Дека е јасно оти и за овие избори ќе треба да се преземат сите мерки на заштита на здравјето на граѓаните, ама, како што рече, не верува дека за тоа ќе бидат потребни промени на Изборниот законик.
Ако изборите се на 14 јуни, кампањата ќе почне на 25 мај
Во случај на лидерската средба во вторник да биде прифатен предлогот на Заев за избори во средината на јуни, што би значело на 14 јуни (недела), тогаш дваесетдневата кампања би почнала уште овој месец, односно на 25 мај.
Изборите што требаше да се одржат на 12 април беа прекинати со Уредба на Владата на 21 март, два дена пред почетокот на изборната кампања.