Според Виенската конвенција, државните лидери имаат посебен третман за време на патувањето, но деталите за безбедносните протоколи ги одредува концесионерот на аеродромот, вели Арбен Таравари, еден од лидерите во коалицијата „Вреди“
Министерот за здравство Арбен Таравари, воедно и претседател на делот од Алијанса за Албанците кој членува во коалицијата „Вреди“, по инцидентот на скопскиот аеродром со претседателката на Косово, Вјоса Османи, на Фејсбук ја повика ДУИ да престане да шири манипулации и да ги нарушува односите меѓу Косово и Северна Македонија.
Таравари напиша дека „Вреди“ изразува загриженост бидејќи ДУИ користи лаги и манипулации во обид да му наштети на „Вреди“, без да се грижи за последиците што може да му ги нанесе на Косово.
Повика јавноста да ги следи фактите, а не, како што вели, пропагандата на ДУИ.
„Министерството за внатрешни работи и државата немаат надлежност за безбедноста на аеродромот, туку тоа е во надлежност на концесионерот, во случајов ТАВ. Според Виенската конвенција, државните лидери имаат посебен третман за време на патувањето, но деталите за безбедносните протоколи ги одредува концесионерот на аеродромот. Слично недоразбирање се случи и кога технички премиер беше Талат Џафери. Зошто ДУИ не зборува за тоа? Ја повикуваме ДУИ да одговори дали за време на нивни патувања избегнуваат скенери“,
напиша Таравари.
Претходно, поранешниот министер за надворешни работи од сега опозициската ДУИ, Бујар Османи, преку фејсбук-статус реагираше за вчерашниот инцидент со претседателката на Косово, Вјоса Османи на скопскиот аеродром. Според Бујар Османи, овој инцидент јасно ја покажува неспособноста и неодговорноста на, како што вели, илегалните албански претставници во власта.
И поранешниот вицепремиер од редовите на ДУИ, Артан Груби, преку социјалната мрежа Фејсбук реагираше за случувањата на скопскиот аеродром. Тој напиша – „Косово, прости ни“.