Советникот во О. Битола, Методија Илиевски, од партиското седиште на СДСМ, денеска упати критики до премиерот Христијан Мицкоски за назначување в.д. директори во одделенијата Велес, односно Прилеп, на КПД „Идризово“

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски до толку немаат кадри за институциите, што луѓе што лежеле затвор, со кривични пријави, ги ставаат за в.д. директори на затвори, реагираше денеска опозициската СДСМ, преку советникот во О. Битола, Методија Илиевски.
Илиевски потенцира дека со одлука на Мицкоски, осуден криминалец кој лежел четири години затвор е именуван за в.д. директор на затворот „Идризово“, одделение Велес.
„Ибрахим Ељези е осуден и лежел четири години затвор, од 2013 година до 2017 година во ‘Идризово’. Кривичното дело за коешто бил осуден е за неовластено производство и пуштање во промет на дрога. Сега истиот овој човек Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го ствааат директор на затвор КПД ‘Идризово’, одделение Велес? Ова не е нормално. Па, како може осуден криминалец да биде одговорен за затвор?“,
рече Илиевски на прес-конференција.
Тој реагираше и за Емил Јанески, за кој вели, има кривична пријава за „несовесно работење“, а со одлука на Мицкоски е именуван за в.д. директор на затворот во Прилеп.
„Јанески во 2020 година бил директор на ЈКП ‘Водовод и канализација’ – Прилеп и против него МВР има поднесено кривична пријава за несовесно работење во службата и штета врз буџетот од препријатието во висина од 2,3 милиони денари. Дури и ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција бараше Јавното обвинителство да реагира и да ги расчисти сомнежите за наводната милионската проневера од Јанески. И сега истиот тој ВМРО-ДПМНЕ го назнаува за в.д. директор на затвор. Надвор од паметот и секоја логика! Ова е класична криминална кадровска политика“,
нагласи Илиевски од СДСМ.
Според него, во 30 дена работа, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат секојдневни скандали, промашувања и разочарувања и оставиле лош впечаток со кадровски промашувања.