По првпат отворањето се случи во самиот град, а не на стадион, па за обезбедување на 300 000 присутни, ангажирани беа 45 000 полицајци и илјадници војници
Олимписките игри во Париз официјално се отворени по вчерашниот спектакл на брегот на реката Сена. Игрите ги отвори францускиот претседател Емануел Макрон, откако на собирот се обратија претседателот на Организацискиот одбор на игрите, Тони Естанге, и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах.
По првпат отворањето се случи во самиот град, а не на стадион, па за обезбедување на 300 000 присутни, ангажирани беа 45 000 полицајци и илјадници војници. Шоуто не го расипа ниту силниот дожд.
На отворањето настапи американската пејачка Лејди Гага, која изведе два француски евергрини, симболичната песна од мјузиклот „Mon truc en plumes“ и песната на Едит Пјаф, „La vie en rose“.
Катедралата Нотр Дам, која беше тешко оштетена во пожар во 2019 година, исто така одигра улога во церемонијата на отворањето. Париските занаетчии и градежници беа претставени како танцуваат за да го создадат срцето потребно за реставрација на една вековна зграда во центарот на француската престолнина, а не бил заборавен и најпознатиот ѕвонар на црквата Нотр Дам, подгрбавениот Квазимодо од романот на Виктор Иго, кој ги надгледува работите од покривот на катедралата.
Една од најзапаметените точки на целото отворање беше настапот на глобално популарниот француски метал бенд Гоџира, кој во соработка со француско-швајцарската оперска пејачка Марина Виоти ја изведоа револуционерната песна „Аh! Ca ira“ додека се изведуваше Француската револуција на брегот на Сена.
Слоганот на Француската револуција беше „Слобода-еднаквост-братство“, па по настапот на Гоџира и Марина Виоти, кои ја претставуваа слободата, на ред дојде еднаквоста претставена со настапот на најслушаната франкофонска пејачка Аја Накамура, која облечена во златен комбинезон изведе микс од двата нејзини најголеми хита хитовите „Pookie“ и „Djadja“ и евергринот „For me Formidable“ на Шарл Азнавур, додека братството го претставуваше музејот Лувр.
Завршниот дел од свеченото отворање пред официјалниот дел го одбележаа модна ревија и модерна музика.
На воодушевување на публиката, на крај настапи и канадската пејачка Селин Дион, која направи голем камбек, по четиригодишна пауза откако ѝ беше дијагностициран Синдром на вкочанета личност.
Пристигнувањето на местото на олимпиското знаме, кое на коњ го донесе припадник на француската жандармерија под Ајфеловата кула, беше феноменално. На ова му претходеше 10-минутна сцена во која знамето на сребрен механички коњ на специјално направена платформа помина 6 500 метри по Сена за да го рашири олимпискиот дух низ градот.
На Игрите учествуваат 10 714 спортисти, во 32 спорта, од 206 земји и територии, плус група спортисти кои ќе се натпреваруваат под знамето на МОК, како и тим на бегалци. Поради војната во Украина, Русија и Белорусија не учествуваат во екипните спортови.
Париз е домаќин третпат во историјата, по 1900 и 1924 година, со што му се придружи на Лондон, кој исто така трипати ги организирал Игрите, во 1908, 1948 и 2012 година. Проценките се дека овие ОИ ќе чинат околу девет милијарди евра.