Ројтерс пренесува дека Замбада и Гузман Лопез биле приведени откако слетале со приватен авион во Ел Пасо
Мексиканскиот наркобос Исмаел Замбада – Ел Мајо и синот на неговиот поранешен партнер Хоакин Гузман – Ел Чапо се уапсени вчера во Ел Пасо во американската држава Тексас, соопшти Министерство за правда на САД, пренесува Си-ен-ен.
„Министерството за правда приведе двајца наводни водачи на картелот Синалоа, една од најнасилните и најмоќните организации за трговија со дрога во светот“,
се вели во соопштението на Министерството.
Замбада и Хоакин Гузман Лопез, синот на Ел Чапо, се соочуваат со повеќе обвиненија во САД за водење криминални операции на картелот и за „смртоносни мрежи за производство и трговија со фентанил“, вели државниот обвинител Мерик Гарланд, се додава во објавата на Си-ен-ен.
Две американски официјални лица за Ројтерс велат дека Замбада и Гузман Лопез биле приведени откако слетале со приватен авион.
Замбада го коосноваше картелот Синалоа со Ел Чапо, кој беше екстрадиран во САД во 2017 година и отслужува доживотна затворска казна во затвор со максимална безбедност.
По екстрадицијата на Ел Чапо, неговата криминална империја ја наследија неговите четири сина – познати како Лос Чапитос или малите Чапоси – кои ја презедоа неговата фракција во картелот и станаа еден од најголемите американски извозници на фентанил, синтетички опоид кој е до 50 пати посилен од хероинот и 100 пати посилен од морфинот.
Картелот Синалоа, именуван по мексиканската држава во која е формирана бандата, е една од најмоќните групи за шверц на дрога во светот, позната по трговијата со фентанил, метамфетамин и хероин во САД.