„Сите докази на одбраната ќе бидат доставени до Судот пред почетокот на главната расправа, а се работи за докази во поткрепа на изјавата на осомничениот дадена на записник пред јавниот обвинител“, вели Витановски во изјава за „360 степени“
Известувањето од Основното јавно обвинителство Скопје дека е завршена истрагата против Љупчо Палевски-Палчо, одбраната на првоосомничениот за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски го добило во понеделникот на 22 јули. Ова во изјава за „360 степени“ го потврди бранителот на Палевски, адвокатот Марјан Витановски, кој вели дека имаат 15 дена да извршат увид во списите од предметот на Обвинителството.
Покрај увид во списите, вели адвокатот, имаат право да достават списи и докази прибавени од нивна страна, како и да бараат од Обвинителството да прибави определени докази.
„На 22 јули го добивме известувањето за завршена истрага со поука за правото да во рок од 15 дена до Обвинителството доставиме списи и докази прибавени од наши дејствија како и да побараме од Обвинителството да прибави определени докази, како и правото дека во рок од 15 дена можеме да извршиме увид во списите на предметот“,
ни изјави Витановски.
Сепак, како што рече тој во телефонски разговор, во оваа фаза од постапката нема да доставуваат списи или докази прибавени од дејствијата на одбраната, а нема да бараат ниту од Обвинителството прибавување докази.
„Сите докази на одбраната ќе бидат доставени до Судот пред почетокот на главната расправа, а се работи за докази во поткрепа на изјавата на осомничениот дадена на записник пред јавниот обвинител“,
рече адвокатот.
Во однос на правото да извршат увид во списите од предметот на Обвинителството, Витановски вели дека ќе го искористат, бидејќи досега немале можност да го направат тоа.
Инаку, Палевски на распит во Основното јавно обвинителство Скопје беше спроведен на 5 јуни, на кој, како што изјави тогаш неговиот адвокат, негирал каква било поврзаност со двете грозоморни убиства и во своја одбрана посочил докази кои дополнително ќе ги достави.
Адвокатот тогаш пред Обвинителството изјави дека Палевски како причини поради кои е посочен како обвинет во постапката навел претходни непријателства, па дури и некакви политички недоразбирања со определени преставници на претходната власт.
„Осомничениот даде исказ пред Обвинителството, во целост негира конкретна поврзаност со кривичното дело, негира поврзаност со обвинетите по кој било основ, негира постоење на каков било договор за сторување на ова кривично дело, тврди дека не е виновен и дека не презел ниту едно дејствие како што е наведено во наредбата за негово спроведување на истрага…Засега остануваме на тоа и на неговото тврдење дека воопшто не е сторител на кривичното дело. Причиите поради кои е посочен како обвинител во оваа постапка посочи дека се работи за некои претходни непријателства, па дури и некакви политички недоразбирања со определени претставници од власта“,
изјави Витановски на 5 јуни по неколкучасовниот распит на неговиот клиент во Обвинителството.
За потсетување, од републичкото Јавно обвинителство денеска преку писмено соопштение информираат дека истрагата против Љупчо Палевски-Палчо за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски е завршена и дека сега тече рокот во кој одбраната треба да изврши увид во списите.
По завршувањето на оваа постапка и поднесувањето на обвинение против Палевски, Обвинителството ќе бара спојување на овој предмет со обвинението што ОЈО Скопје веќе го поднесе против останатите четворица обвинети во случајот, а по кое Основниот кривичен суд Скопје закажа почеток на судењето за 30 јули.
Од Обвинителството велат дека ќе бараат одлагање на рочиштето закажано во вторник против четворицата претходно обвинети, со цел да се овозможи единственост на постапката. Ова, како што посочија оттаму, го овозможува членот 28 од Законот за кривична постапка (ЗКП).
Имено, меѓу другите, во ставот 6 од членот 28 од ЗКП стои дека:
„Судот може по предлог од јавниот обвинител да одлучи да се спроведе единствена постапка и да се донесе една пресуда и во случај кога се обвинети повеќе лица за повеќе кривични дела, но само ако меѓу извршените кривични дела постои меѓусебна врска и ако постојат исти докази“.
За спојување на постапката одлучува судот што е надлежен за спроведување на единствена постапка, се вели во ставот 8 од истиот член на Законот.
„Против решението со кое е определено спојување на постапката или со кое е одбиен предлогот за спојување не е дозволена посебна жалба“,
се додава во истиот став.
За грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски веќе обвинети се Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишов. Меѓу обвинетите е и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товари за помагање во кривичното дело грабнување. Тој по неколку месеци поминати во затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари, сега се наоѓа во куќен притвор откако Врховниот суд му ја уважи жалбата.
Палевски не беше обвинет со нив, оти истрагата против него почна подоцна бидејќи се чекаше на негова екстрадиција од Турција, каде што по бегството беше лоциран и уапсен по меѓународната потерница што по него ја распишаа македонските власти преку Интерпол.
Тој беше екстрадиран во земјава на 15 мај и веднаш спроведен во истражниот затвор „Скопје“ на издржување на мерката притвор што Судот му ја одреди во негово отсуство.
Инаку, од Обвинителството денеска соопштија дека е завршена и истражната постапка против уште едно лице осомничено за помагање по извршување на кривичното дело. Станува збор за Стефан Димовски, кој го возел Палевски од Србија преку Бугарија до Турција. Постапката против ова лице, како што соопштија од Обвинителството, ќе се води одвоено.
Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.