На предлог на директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, Владата првично одобрила покачување на цените на угостителските објекти во владините објекти за 50 отсто
Цените на услугите во бифеата на владините објекти извесно е дека наскоро ќе бидат зголемени.
Ова го објави директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, на чиј предлог Владата првично одобрила покачување на цените на угостителските објекти во владините објекти за 50 отсто.
Објавувајќи ја владината одлука, Томовски порача оти веќе нема да има багатела јадење на државна сметка.
„Jавноста често со право обрнуваше внимание на ниските и непазарни цени по кои се користеа угостителските услуги на СОЗР на Владата. Во таквите дебати особено беше апострофиран собранискиот и владиниот ресторан, каде цените на услугите и производите беа значително пониски од оние на слободниот пазар достапни за граѓаните. Излегувајќи во пресрет на овие оправдани повеќегодишни забелешки, како и во функција на натамошно рационализирање, на мој предлог како директор на СОЗР, Владата вчера едногласно усвои првична одлука за зголемување на цените на угостителските услуги за 50 отсто“,
објави директорот на СОЗР, Ивица Томовски, во објавата на Фејсбук.
Директорот на СОЗР додава дека во периодот што следува ќе се прават дополнителни анализи и секогаш кога ќе се јави потреба од отстапувања од пазарните цени, ќе има нивно коригирање.
„Важно е да се обезбеди еднаков пристап на сите услуги, но без привилегии за избраните функционери и раководниот кадар“,
додава Томовски во објавата на Фејсбук.