„За 2025 година малку размислуваме разумно во насока следното гледање на позитивната листа да не биде мало дотерување на листата, туку да биде посуштинска, посодржинска промената“, вели директорот на Фондот за здравствено осигурување
Не е прашање дали Фондот за здравствено осигурување има или нема пари за проширување на позитивната листа за девет лекови. Правиме комплетна анализа. На функција сме само 15 дена. Очекувам дека за десетина дена ќе имаме одговор на ова прашање. Ова денеска при посета на струмичката болница го изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, посочувајќи дека министерката за финансии истакнала дека во буџетот постојат многу дупки, кои доправа треба да ги детектираат, како, на пример, дека во Фондот имало средства за плати за нецела година.
Во моментот, според Клековски се прави процена колкави се дупките во повеќе подрачја заедно со ребалансот, со новите средства за да направат кои сѐ здравствени потреби ќе можат да се задоволат до крајот на годината.
„Секој ден се јавуваат од клиники, од болници, дека се блокирани, дека фондовите за условно финансирање се потрошени. Убеден сум дека со домаќинско работење ќе најдеме начин да ги покриеме сите потреби до крајот на годината. За 2025 година малку размислуваме разумно во насока следното гледање на позитивната листа да не биде мало дотерување на листата, туку да биде посуштинска, посодржинска промената“,
вели Клековски.
На новинарско прашање како ќе се решаваат состојбите за собирање средства за лекување меѓу граѓаните, Клековски рече дека околу 80 отсто од пациентите што собираат средства воопшто не се ни обратиле во Фондот.
„На дневна основа, односно на секои три дена одобруваме доста лекувања во странство. Значителен број од тие луѓе што собираат средства воопшто не се обиделе да добијат средства од Фондот. Верувам дека е прашање на недоверба во институциите, дека воопшто не веруваат дека имаат шанса да добијат средства. Ние таа недоверба мора да ја надминуваме, мора да бараме системски решенија“,
рече тој.
Според него, и извештаите на Државниот завод за ревизија (ДЗР) има значајни забелешки за начинот на водење на лекувањата во странство.
„Веќе имавме состанок со ДЗР и еден од приоритетите е да структурно го коригираме тоа. Да се изгради еден однос на доверба со пациентите и оние пациенти што имаат потреба навистина да добијат поддршка од Фондот“,
одговори Клековски.
Министерот за здравство Арбен Таравари на почетокот на месецот најави дека за две до три недели ќе биде објавена новата позитивна листа на лекови, која се обновува секоја година.
Како што објави ТВ Сител, освен парите, има дилеми и во предлозите на Комисијата кои девет лекови треба да бидат додадени на позитивната листа.