Мажот, кој од извршувањето на делото сè до овој момент е недостапен за органите на прогонот, е осомничен дека на 1 април годинава со умисла се обидел да го лиши од живот градоначалникот на Арачиново, а во опасност ги довел животите на уште неколку лица
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага и предложи притвор за 26-годишен жител на Арачиново кој е осомничен за обидот за убиство врз градоначалникот на оваа општина кој се случи во април годинава.

Мажот, кој од извршувањето на делото сè до овој момент е недостапен за органите на прогонот, е осомничен дека на 1 април годинава со умисла се обидел да го лиши од живот градоначалникот на Арачиново, а во опасност ги довел животите на уште неколку лица.
„Додека градоначалникот со своите соработници од Општина Арачиново и вработените од фирма-изведувач вршеле увид на градежни работи, осомничениот дошол со мотор, се паркирал и со автоматска пушка во рацете пришол на групата луѓе. Почнал да пука кон градоначалникот и со неколку проектили погодил две лица во неговата непосредна близина“,
информираат од ОЈО Скопје.
Доколку Основниот кривичен суд Скопје ја прифати мерката притвор која ја предлага Обвинителството, таа ќе започне ефективно да се применува од моментот на пронаоѓање и лишување од слобода на 26-годишникот.
Воедно, како што информираат од скопското обвинителство, до Министерството за внатрешни работи се издадени соодветни наредби за пронаоѓање на осомничениот.