Тошковски, кој денеска бил во посета на Одделот за граѓански работи, каде што се одржал работен состанок со помошник-министерот Јован Алтанџиев, вели дека разговарале и за состојбата со поднесените барања за државјанство на Македонците од Албанија кои од засега непознати причини со години не се решени
Тој најавува и дека веќе е отпочната обука на вработени кои ќе бидат референти во станиците за технички преглед, а со цел сите правни субјекти да бидат рамноправни на пазарот во најкраток рок
Состојбата со издавањето лични документи е стабилизирана, а за еден месец се очекува тоа да се врати во законските рокови, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тошковски, во објава на својот фејсбук-профил, вели дека ќе бидат зголемени капацитетите во делот на обработка на барањата за пасоши поднесени во дипломатско-конзуларните претставништва со цел македонската дијаспора што побрзо да добие патна исправа.
„Обезбедуваме нови количини обрасци за лични документи кои ќе ги задоволат потребите за наредниот период“,
вели Тошковски во објавата.
Според Тошковски, термин за закажување фотографирање за лични документи по итна постапка се добива за еден ден, а за редовна постапка за најмногу 10 дена.
Пунктот за вадење лични документи кој беше отворен во склоп на Центарот за обука во Идризово, Тошковски вели дека ќе се затвори откако ја исполнил својата цел со прием на околу 25 000 барања.
Тошковски, кој денеска бил во посета на Одделот за граѓански работи, каде што се одржал работен состанок со помошник-министерот Јован Алтанџиев, вели дека разговарале и за состојбата со поднесените барања за државјанство на Македонците од Албанија кои од засега непознати причини со години не се решени.
„Ќе се иницира работна средба со претставници од здруженијата на Македонците со цел полесно да се канализира постапката. Во делот на азилот, согласно забелешките на Европската комисија, ќе почнеме процес чија крајна цел ќе биде хартиените документи кои ги издава Секторот за азил, да бидат заменети со биометриски“,
напиша Тошковски на Фејсбук.
Тој во објавата најавува и дека ќе има ревизија и контрола на работењето на комисиите надлежни за издавање одобрение за набавување на оружје.
„Од една страна, оружје не смеат да поседуваат лица кои не ги исполнуваат законските услови. Од друга страна, констатирано е дека само од 2020 година наваму, 5 800 барања не се решени. Во најбрз рок, после ревизијата на работењето, ќе изнајдеме решение и методологија за постапување по истите. Простор за корупција повеќе нема да има“,
вели министерот за внатрешни работи.
Дополнително, додава тој, особен фокус ќе биде ставен на Законот за оружје и Законот за промет на експлозивни материи за цивилна употреба во насока на усогласување со европската регулатива.
Министерот за внатрешни работи вели дека во иднина ќе иницира зголемување на платата на вработените, подобрување на работните услови во секоја канцеларија и на секој шалтер во државата.
„Уште од првиот ден како министер потенцирав дека управните служби мора да бидат лицето на МВР и државата воопшто. Работењето таму мора да стане престиж, а не казна. Да биде чест да се работи во служба на граѓаните и брзо и ефикасно задоволување на нивните потреби со брзи и квалитетни услуги“,
вели Тошковски.
Тој најавува и дека веќе е отпочната обука на вработени кои ќе бидат референти во станиците за технички преглед, а со цел сите правни субјекти да бидат рамноправни на пазарот во најкраток рок.