Во реакцијата се наведува дека во соопштенијата и прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ се изнесени лаги и неточни информации за компаниите во сопственост на извршниот директор на агенцијата „Рејтинг“, Никола Спасов
ВМРО-ДПМНЕ на крајно перфиден начин, со лаги и манипулации се обидува да создаде впечаток дека агенцијата и директорот Спасов се стекнале со некаков милионски имот или бизнис на нелегален начин, што е бесрамна лага и манипулација, се наведува во демантот од агенцијата „Рејтинг“. По обвинувањата изнесени од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната прес-конфернција, а претходно и во соопштение до јавноста, од „Рејтинг“ реагираат дека не располагаат со милионски бизниси, а сите приходи и работењето на агенцијата се целосно согласно законот.
„Агенција ‘Рејтинг’ во своето 15-годишно искуство, има соработувано на проекти со политички партии и институции, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ. Сите проекти кои ги има реализирано се спроведени на професионален начин во целосно транспарентни постапки. Оттука, оваа хајка за нас е неразбирлива и недозволива, за што правниот тим на компанијата ќе ги преземе сите правни дејствија да го заштити сопствениот углед“,
пишува во демантот.
Во реакцијата се наведува дека во соопштенијата и прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ се изнесени лаги и неточни информации за компаниите во сопственост на извршниот директор на агенција „Рејтинг“, Никола Спасов.
„Сакајќи намерно да го оцрни личниот углед на Спасов, ВМРО-ДПМНЕ пласира дезинформации за компанијата ‘Гама солар’, каде Спасов има малцинско учество во капиталот на компанијата, а не доминантна сопственост. Компанијата ‘Гама солар’, преку кредитирање на инвестицијата вложува во приватниот сектор, како и секоја друга компанија, а ваквото оцрнување нанесува штети и по угледот на останатите сопственици. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ лаже дека по експресни постапки се добиени дозволи, нешто што беше демантирано од Агенцијата за енергетика во чија надлежност е издавањето на лиценци“,
велат од „Рејтинг“.
Со оглед на фактот дека правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се уставно загарантирани темелни вредности, со ваквите прес-конференции ВМРО-ДПМНЕ од позиција на власт со умисла упатува суптилни закани врз приватно правно лице, додаваат од „Рејтинг“ во соопштението.
„Агенција ‘Рејтинг’ бара од сите релевантни институции, да реагираат на овој очигледно организиран медиумски прогон на ВМРО-ДПМНЕ кон приватна компанија и сопственикот Спасов. Овој преседан е закана за слободното работење на компаниите“,
се наведува во дописот.
Од ВМРО-ДПМНЕ првично испратија соопштение, а подоцна во текот на денот одржаа и прес-конференција на која обвинија дека агенцијата „Рејтинг“, во сопственост на Никола Спасов, испумпала милиони од државни тендери за време на власта на СДСМ.
„Човекот кој преку својата агенција ‘Рејтинг’ се насобра еден куп тендери од милиони евра, а си отвори и фотоцентрала во годините на власт на СДС, сега мора да го отплаќа долгот преку низок пи-ар, наталожен со лаги и манипулации. Никола Спасов со агенцијата ‘Рејтинг’ испумпал од државниот буџет милиони евра“,
посочија од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.
На прес-конференцијата одржана на истата тема, портпаролката и пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, посочи дека агенцијата „Рејтинг“ за период од неколку години добила тендери во вкупна вредност од над 900.000 евра.
Во 2023, како што рече таа на прес-конференцијата, Спасов станал сопственик на нова компанија за производство на електрична енергија – „Гама солар“, а само по три дена Регулаторната комисија за енергетика, со одлука одобри и лиценца за изградба на фотоцентрала, под името „Гама солар1“.
„Па сосема логично е денес истата оваа агенција ’Рејтинг’, која беше добро исплатена преку милионски тендери од власта, да мисли дека ќе ѝ се оддолжи на СДС преку опозиција. Но, залудни се обидите преку низок ПР, СДС да се надева дека ќе успее да го поткрене сопственото реноме. Филипче мисли дека со креирани лаги ќе избега од одговори за сите катастрофи изминативе 7 години, но одговори и одговорност мора да има“,
рече Митева.
По прес-конференцијата демант стигна и од Регулаторната комисија за енергетика.
„Со оглед на тоа дека станува збор за исклучително витален сектор, РКЕ за секоја поднесена лиценца детално ја скенира финасиски – енергетската состојбата при издавање на било која од трите лиценци за привремена и пробна работа, како и за издавање на конечна лиценца. Овие три фази на лиценци се неопходни во најголем број од случаите со кои се обезбедува сигурност, стабилност при влез на електроенергетскиот пазар и истиот импровизации не трпи“,
посочија од РКЕ.