„Вработувања секако ќе има. Но, покачување на платите и потпишување на нов колективен договор по барање на синдикатите, искрено тешко е да се спроведе до крајот на оваа буџетска година“, вели министерот за здравство
До крајот на годината тешко дека ќе имаме зголемување на платите за здравствените работници, како и потпишување на нов колективен договор како што бараат синдикатите. Ова денеска по посетата на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје го изјави минитсерот за здравство Арбен Таравари, одговарајќи на новинарско прашање дали со ребалансот на буџетот ќе има пари за поголеми плати за здравствените работиници, посочувајќи дека со синдикатите веќе преговараат.

„Имаме огромен буџетски дефицит. Се надевам дека во здравството нема да има огромно скратување во буџетот, бидејќи мора да преживееме и да поминеме до ноември оваа година. Со синдикатите имав еден состанок, повторно ќе имам и ќе побарам од нив разбирање за евентуално да се договориме за идната година. Оваа година практично е невозможно да се донесе нов колективен договор“,
рече тој.
Сепак, министерот за здравство посочи дека следниот период ќе има вработувања во здравството.
„Вработувања секако ќе има. Но, покачување на платите и потпишување на нов колективен договор по барање на синдикатите, искрено тешко е да се спроведе до крајот на оваа буџетска година“,
вели Таравари.
Независниот синдикат на здравствените работници и Здружението на приватни лекари пред еден месец посочија дека имаат повеќе барања што треба да се исполнат во насока на нивно решавање, како зголемувањето на платите во здравството, решевање на статусот на лекарите и медицинските сестри кои работат, а немаат пензинско и здравствено осигурување, како и одложување на пензионирањето на матичните лекари.