Според списокот, во затворот требало да има 180 лица, но вонредниот инспекциски надзор покажал дека недостасуваат 11 затвореници. Десет од нив во текот на ноќта во различни интервали се враќале во Шутка, но утрово повторно четворица избегале
Откако во повеќе наврати добивал информации дека затвореници кога сакаат, влегуваат и излегуваат од затворот „Скопје“, в.д. директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, заедно со двајца службеници од Управата, во петокот доцна вечерта влегле во затворот и по список проверувале дали сите затвореници се на број.
Според списокот, во затворот требало да има 180 лица, но вонредниот инспекциски надзор покажал дека недостасуваат 11 затвореници. Десет од нив во текот на ноќта во различни интервали се вратиле во Шутка, но утринава повторно четворица избегале.
Пандов вели дека правел проверка во полуотвореното и отвореното одделение. За отвореното одделение, Пандов вели дека директорот Филип Андов-Сокол лично одредувал кои затвореници ќе бидат распоредени во деловите „парк“ и „перална“, за да може, како што вели тој, кога сакаат да влегуваат и да излегуваат.
„Списокот кој нас ни беше понуден од страна на затворскиот полицаец и она што беше фактичка состојба не кореспондираше. Во тоа отворено одделение има одделение кое го нарекуваат ‘возен парк’. Во тој ‘возен парк’ требаше да бидат само три осудени лица. На лице место беа распоредени 10 лица, од кои 4 лица отсуствуваа. Исто така, има друг дел, ‘перална’ го нарекуваат. Во таа ‘перална’ по список треба да има четири осудени лица, формално-правно требало таму да бидат 9 осудени лица, од кои 7 беа отсустни – еден пронајдовме, еден беше на домашно отсуство. На прашањата зошто е тоа така, ни беше одговарано дека затворската полиција нема увид во тоа, дека добиваат усни наредби. Од затворскиот полицаец на влезот во затворот – до последниот што го сретнавме таму, тврдеа дека единствено Филип Андов-Сокол ги давал усните наредби кое затворено лице каде да биде“,
тврди Пандов и вели дека затвореници биле во директна телефонска комуникација со директорот Андов.
За Пандов, зачудувачки е што додека траел увидот, затворениците кои се вратиле во текот на ноќта, слободно се шетале и разговарале со затворските полицајци. Вели дека за затекнатата состојба е направен записник на кој се потпишала и затворската полиција.
Записникот ќе биде доставен до Обвинителството, а за затекнатата состојба Пандов вели дека лично го информирал и премиерот Христијан Мицкоски. Контроли најави и за останатите затвори низ земјава.
„Во најголем дел во затворите во Република Македонија не велам дека е иста, но е слична состојбата, дека затворите нам ни се ‘хотел-промаја’. Она што ние имаме замисла за затвор и фактичката состојба не е таква. Имено, јас на секого тоа го кажувам, кој ја гледал ‘Наркос’ серијана, Пабло Ескобар, во најголемата негова моќ во Колумбија, да, приватен затвор, ама седеше во затвор. И тој немаше право да излегува од затворот како што имале овие затвореници и конечно, моето чувство е дека државата Македонија треба под итно да се позанимава, и полицијата и Обвинителството, пред сè со овој директор на затвор, меѓутоа ви ветувам дека во наредниот период интензивно ќе бидат правени проверки и во сите останати затвори да видиме каква е состојбата во нив“,
кажа Пандов.
„360 степени“ се обиде да стапи контакт со директорот на Шутка, Филип Андов, но до објавувањето на овој текст не успеавме да го добиеме за коментар.