Николај Денков истакна дека борбата против корупцијата не е цел сама по себе. Главните приоритети остануваат непроменети – создавање пријатна средина за бизнисот и инвеститорите, зголемување на приходите, квалитетно образование, здравство
Очекувано, Николај Денков од ПП-ДБ ја врати неисполнета папката со вториот мандат на претседателот Румен Радев, извести бугарската новинска агенција БГНЕС.

„Формирањето мнозинство во ова Народно собрание се покажа како невозможно. Очекувам дека ќе добиеме посилна поддршка од јавноста“,
му порачал Денков на шефот на државата.
Процедурата за предавање на папката со врачениот мандат траеше неколку секунди.
Николај Денков истакна дека борбата против корупцијата не е цел сама по себе. Главните приоритети остануваат непроменети – создавање пријатна средина за бизнисот и инвеститорите, зголемување на приходите, квалитетно образование, здравство.
„Борбата против корупцијата е главното средство за постигнување на целите. Во овој парламент, сепак, се покажа дека е невозможно да се реализираат нашите приоритети“,
рече Денков, јави БГНЕС.
Според одредбите од бугарскиот устав, по враќањето на овој мандат за формирање влада, претседателот на државата во рок од седум дена ѝ наложува на следната по бројност пратеничка група да предложи кандидат за премиер.
Во случај и тие да не успеат да формираат редовен кабинет, претседателот закажува нови избори и именува нов привремен кабинет.
Претходно Радев му го врачи мандатот за состав на нова влада на мандатарот Росен Желјасков од коалицијата ГЕРБ-СДС, која освои најмногу гласови на последните предвремени парламентарни избори.