„Вреди“ претпладнево побараа од Јавното обвинителство да го истражи работењето на поранешниот министер за надворешни работи од редовите на ДУИ, Бујар Османи, по неколку основи. Подоцна, додадоа и дека Бујар Османи загубил во своето родно место, Серава
Ексминистерот за надворешни работи и висок функционер на Демократската унија за интеграција одговори на прозивките на политичките опоненти „Вреди“. Откако претпладнево коалацијата која е дел од власта побара истрага за работењето на Османи, тој им возврати дека ги победил на изборите.

„Овие вазали ‘Вреди’ ги победив како кандидат на Фронтот со резултат скоро 2:1 и уште имаат лице да се пресметаат со мене. Барем молчете, затоа што предавството што го оставате во наследство на генерации и генерации не е покриено со рециклирани изјави од вашиот Стоилковиќ“,
напиша Бујар Османи на Фејсбук.
Коалицијата „Влен“, која ја дели власта по последните избори со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, денеска претпладнево повика на кривичен прогон на доскорешниот министер од редовите на ДУИ, Бујар Османи. Како што велат во соопштението испратено до медиумите, „граѓаните не забораваат на злото што (ДУИ н.з.) го оставија зад себе“.
Во тој контекст, го повикуваат обвинителството на одговор по неколку теми кои беа актуелни во јавноста за време на министерувањето на Бујар Османи. Тоа го вклучува тендерот за изнајмување возила за Самитот на ОБСЕ, постапувањето со дел од амбасадорите, унапредувањето на поранешната презентерка Бесмира Ејупи.
По објавата на Бујар Османи, испратија нова реплика:
„После нашето денешно соопштение, реагирал ‘пациентот’ кој плаче за власт, бидејќи мора да даде одговорност за направениот криминал и корупција. Срамота е да се фалите со изборните резултати кога сте делегитимирани од албанскиот народ, од вашето родно место, од вашето маало, од Серава“,
одговорија од „Вреди“
Во реакцијата се додада и дека во Серава „Вреди“ освоиле 3 934 гласови, а „Европскиот фронт“ на Бујар Османи 2 905 гласови.