Јавното обвинителство ќе има за околу 8% помал буџет од оној од почетокот на годината, додека кај Судската власт се кратат околу 2,5%
И Јавното обвинителство и Судската власт имаат загарантирани буџети со закони, според кои буџетите треба да им бидат најамалку двојно поголеми и од првичниот буџет за годинава и од ребалансираниот
Судската власт и Јавното обвинителство се дел од институциите чии буџети ќе настрадаат со ребалансот на државниот Буџет кој го прави новата влада.
Намалувањето е дотолку проблематично што и за едните и за другите има законски утврден минимален буџет, кој ниту една влада не го почитува. Тоа ги вклучува и претходната влада предводена од СДСМ, а очигледно и актуелната, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Јавно обвинителство со 8% помалку пари
Како што може да се види од предлог-ребаланост што веќе е пристигнат во Собранието, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ќе мора да се снајде со буџет кој е за околу 8% понизок од оној што го добиле на почетокот на годината.
Или, според буџетот за 2024 кој го донесе претходната власт, Јавното обвинителство требаше да располага со 14,15 милиони евра. Според ребалансот, ќе треба да ја завршат годината со 13,07 милиони евра.

Апсурдот во кратењето е поголем ако се знае Законот за јавното обвинителство, каде што е пропишано дека Јавното обвинителство треба да има буџет во висина од 0,4% од државиот Буџет. Според буџетот кој го донесе претходната власт, на почетокот на годинава, Јавното обвинителство требаше да располага со околу 22,35 милиони евра, а им беа одобрени само 14,15 милиони.
Ако се земе во предвид дека со ребалансот државниот Буџет е зголемен, буџетот на Јавното обвинителство исто така би требало да се зголеми и тоа на околу 23,6 милиони евра, се разбира доколку Министерството за финансии го почитува законот. Наместо тоа, Јавното обвинителство добива и помал буџет од тој на почетокот на годината за околу милион евра или 13,07 милиони.
Милион евра помалку и за Судската власт
Со помалку пари ќе мора да се снаоѓа и Судската власт. На почетокот на годината на располагање имале околу 46 милиони евра. Сега, со ребалансот, ќе треба да најдат начин да истераат до декември со 44,9 милиони евра.

Во апсолутни бројки, намалувањето е нешто поголемо од еден милион евра. Во проценти изнесува околу 2,5%.
Но, исто како и кај обвинителството, и Судската власт има гарантиран буџет со закон. Треба да изнесува најмалку 0,8% од БДП. Или, нивниот буџет би требало да биде околу 105 милиони евра. Па, сепак, не е ниту половина од тоа.
Прв приоритет требаше да биде борбата против корупцијата
И во предизборието и години наназад, сегашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека државата не прави доволно во борбата против криминалот и корупцијата.
Сегашниот премиер често обвинуваше дека во земјата нема инвестиции поради правната несигурност, односно слабата борба против криминалот.
Во предизборието, пак, борбата против криминалот и корупцијата беше најавувана како приоритет број еден и тоа од страна на различни функционери.
Но, ребалансот покажува дека и овојпат, како и десетици пати во минатото, штом треба да се скратат пари од некаде, се зема од судството и обвинителството, кои и така не ги добиваат парите што треба да ги добиваат по закони изгласани во Собранието.