Повлекувањето е прашање на време, брифираат извори од Демократската партија
Американскиот претседател Џо Бајден сериозно ги сфаќа повиците да се повлече од трката за уште еден мандат како кандидат на Демократската партија, пишува Ројтерс. Повлекувањето е прашање на време, се наведува во написот, повикувајќи се на анонимни добро упатени извори.
„Се преиспитува себеси, во моментов тоа се случува, тоа точно го знам. Тој размислува за ова многу сериозно“,
рекол еден од изворите за Ројтерс.
81-годишниот Бајден се соочи со зголемен притисок во партијата да отстапи од својата позиција особено по лошиот дебатен настап против поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп, што ги зголеми стравувањата за неговата возраст и способноста да победи во ноември.
Претседателот пркосно се спротивстави на тие повици, тврдејќи дека освоил милиони гласови во првичните трки во последните неколку месеци и дека е избор на демократските гласачи.
Друг извор, претставник на демократите во Конгресот, како што се наведува во анализата, порачал дека претседателот Бајден размислува да се повлече откако пратениците, вклучително и лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, наводно, го повикале да се откаже од трката.
„Се чини дека прашањето е кога, а не дали“,
кажал изворот.
Во последните денови Бајден нема јавни настапи, откако му беше дијагностициран ковид. Информацијата вчера ја потврди и Белата куќа, а соработниците на Бајден објавија дека тој ќе се опоравува во својот дом на плажата Рехоб во Делавер, како и дека ќе направи пауза во кампањата.
Сепак, очекувањата, според неговите соработници, се дека тој ќе се врати во кампањата и во Белата куќа веднаш штом неговите лекари дадат зелено светло.