Постојат индиции дека дел од пожарите се подметнати и ќе бидат преземени сите неопходни мерки за расчистување на случаите и санкционирање на сторителите, соопшти полицијата
Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе ги мобилизира сите расположливи човечки и технички ресурси за спречување и справување со пожарите кои зафатија повеќе делови од државата. Ова е заклучокот од денешниот координативен состанок на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, и началниците на секторите за внатрешни работи и други организациски единици во МВР.
„Со оваа оперативна акција, сите материјално-технички средства со кои располага МВР, ќе бидат ставени во функција на справување со пожарите. Секторите за внатрешни работи како регионални единици на МВР ќе бидат постојано на терен со зголемено присуство и тесно ќе соработуваат со останатите сектори како Одделот за специјални полициски операции, Одделот за воздухопловни единици, Одделот за гранични работи и миграција, Крим полицијата и други оддели при Бирото за јавна безбедност“,
соопштија од ресорното министерство.
МВР има индиции дека дел од пожарите се подметнати.
„Постојат индиции дека дел од пожарите се подметнати и ќе бидат преземени сите неопходни мерки за расчистување на случаите и санкционирање на сторителите. Апелираме до граѓаните да бидат исклучително внимателни кога се движат во природа. Исто така, ако граѓаните забележат какво било сомнително движење или активности, веднаш да пријават во најблиската полициска станица или на телефонот 112. Секоја активност во насока на намерно или ненамерно предизвикување на пожари ќе биде санкционирана најстрого во рамките на законските норми“,
велат оттаму.
Денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова соопшти дека потпишала одлука за ангажирање на дополнителни 200 припадници на Армијата во гасењето на пожарите.
Од Генералштабот на АРМ информираа дека изминатите денови дејствуваат со 100 припадници и два армиски хелихоптера, кои се ангажираат на локации по насока на ЦУК, со исфрлени повеќе од 150 тони вода.
Воедно, припадниците од воздухопловниот ВИНГ координираат со налетите на хеликоптерите од Турција, Словенија, Србија и Црна Гора.