Ова следува откако премиерот Христијан Мицкоски како овластен предлагач ги достави до парламентот имињата на заменик-министрите со чиј избор и официјално ќе се комплетира владиниот кабинет
За следниот вторник, 23 јули, во Собранието е закажана пленарна седница на која како точка на предложениот дневен ред е предлогот за именување на заменик-министри во Владата.

Ова следува откако премиерот Христијан Мицкоски како овластен предлагач ги достави до парламентот имињата на заменик-министрите со чиј избор и официјално ќе се комплетира владиниот кабинет.
Зоран Димитровски од Демократскиот сојуз, кој е поранешен новинар, од заменик во локална самоуправа, сега е предложен за заменик во Министерството за надворешни работи. Долгогодишната пратеничка Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде заменичка во Министерството за животна средина.
За заменик-министер во Министерството за одбрана се предлага Елфет Исмаили, кој е дипломиран економист, во Министерството за европски прашања се предлага Викторија Трајков, која, пак, oд 2010 година е вработена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
За заменик-министер во Министерството за правда се предлага Ален Деребан. Тој е магистер по право, има сопствена адвокатска канцеларија, а во два мандата е и советник во Советот на Општина Струга.
Во Министерството за земјоделство заменик-министер ќе биде професорот Флакрон Беџети.
За заменик-министер во Министерството за односи со заедници се предлага Неждeт Мустафа. Тој е дипломиран професор по филозофија, a од 2006 до 2017 година беше Национален координатор на Декадата и Стратегија за Ромите.
За заменик-министер во Министерството за финансии се предлага Николче Јанкуловски – професор на Катедрата за агроекономија на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.
Во Министерството за економија и труд за заменик се предлага Марјан Ристески, кој е ексградоначалник на Општина Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за заменик-министер се предлага Мирослав Лабудовиќ – магистер по електротехника и информациски технологии.
Во Министерството за здравство се предлага Јовица Андовски. Тој е дипломиран економист, а од 2011 до 2017 година бил заменик-министер за здравство.
Во МОН се предлага Лулзим Алиу, кој е доктор на филолошки науки, додека во Министерството за труд за социјална политика, демографија и млади се предлага досегашниот технички министер во ресорот, Ѓоко Велковски, од ВМРО-ДПМНЕ.
За заменик-министер во Министерството за локална самоуправа се предлага Ерџан Селими. кој е магистер по политички науки.
Во Министерството за култура и туризам за заменик е предложен Седат Сулејмани. Бил заменик-министер за култура, а од 2023 година е вработен во Општина Тетово како советник за стручно административна поддршка на општинскиот инспекторат.
За заменик-министер за дигитална трансформација е предложен Радослав Настасијевиќ Варџиски. Тој од 2019 до денес работи во Општина Куманово.
За заменик на министерот кој ќе раководи со Министерството за јавна администрација се предлага Лазе Јаќимоски. Јаќимоски е вонреден професор на Правниот факултет во Кичево, Универзитет Св. „Климент Охридски” – Битола.
За заменик на министерот во Министерството за транспорт се предлага Калтрина Зеколи Шаќири. Таа е професор на Универзитетот „Мајка Тереза“, а од 2023 до 2024 година била избрана за в.д. декан.
За заменик на министерот во Министерството за спорт се предлага Сафије Садики Шаини. Таа е инженер по информатика на Природно-математичкиот факултет при Државниот универзитет во Тетово, а беше пратеничка во парламентарниот состав 2020 до 2024 година.
Најголеми реакции во јавноста предизвика предлогот за заменик-министер во Министерството за внатрешни работи. Панче Тошковски ќе го заменува Астрит Исеин, кој завршил на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и е доктор на науки по Кинезиологија. Во моментот е вонреден професор на Тетовскиот универзитет и на Факултет за биотехнички науки во Битола.