Таравари изјавата денеска ја даде врз основа на тоа што претходниот ден го избрифирал директорот Мемеди, кој пак, половина час после изјавата на министерот, одржа прес-конференција на која рече дека стручната Комисија вчера ги разгледувала сите информации и оти нема потреба од поведување на дисциплинска постапка за медицинската сестра
За случајот со тримесечното бебе со модринки по телото, кој изминативе денови е актуелен во јавноста, денеска има различни изјави од надлежните околу мерките што се преземени.
Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека за медицинската сестра за која имаше обвинувања дека му ги нанела повредите на бебето бидејќи неговата мајка не знаела македонски јазик, е поведена дициплинска постапка. Наспроти него, пак, директорот на Универзитетската клиника за детски болести Реџеп Мемеди рече дека случајот е успешно расчистен, медицинската сестра и родителите на бебето се помириле и оти нема потреба од поведување на дисциплинска постапка.
Таравари изјавата денеска ја даде врз основа на тоа што претходниот ден го избрифирал директорот Мемеди, кој пак, половина час после изјавата на министерот, одржа прес-конференција на која рече дека стручната Комисија вчера ги разгледувала сите информации и ја донела одлуката.
Таравари денеска во изјава за медиумите рече дека се преземени одредени дисциплински мерки кои се надева дека ќе имаат ефект додавајќи оти медицинскиот кадар треба да биде многу внимателен со сите пациенти, а посебно со децата без разлика на етничката припадност.
„Дисциплинска постапка најверојатно има за медицинската сестра, како и за некој од болничарите. Меѓутоа, повторно ќе кажам не сум сигурен. Очекувам писмено да ми биде испратен извештајот“,
рече Таравари.
Министерот рече оти ќе го чека писмениот извештај од стручната Комисија за да може да каже што се случило потврдувајќи дека за едно лице – медицинска сестра се води дициплинска постапка, а најверојатно и за некој од болничарите.
Мемеди, пак, излезе со спротивен одговор велејќи дека случајот е затворен, се расчистиле сите нејаснотии и дилеми и апсолутно немало никаква лоша намера ни од страна на сестрата ни од родителите.
Директорот објасни дека модринките на десната рака на бебето се добиени од механичко фиксирање за земање на венска крв за анализа, кое било реализирано од две медицински сестри.
„Процедурата за земање на венска крв ја реализираат две медицински сестри при што едната сестра ја фиксира раката на детето на надлактица и подлактица, а другата сестра боцка вена. Како последица на механичкиот притисок настанале хематомите на десната надлактица и подлактица“,
рече Мемеди на денешната прес-конференција.
Случајот со тримесечното бебе за кое семејството тврдеше дека е малтретирано од медицинска сестра од Клиниката за детски болести и се здобило со модринки по телото директорот Мемеди најави уште во петокот дека ќе се разгледува од стручна Комисија при Клиниката.
Случајот со бебето кое се здобило со повреди за време на престојот на Клиниката за детски болести го објави порталот „Икс“.