Претседателот на државата, Стево Пендаровски, остварил телефонски разговори со поглаварот на МПЦ г.г. Стефан и со поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи.
Тој и на двајцата лидери им ги пренел ставовите и загриженоста во врска со вчерашните случувања во Струга, како и за најавата на ИВЗ дека ќе ги отворат верските објекти на 12 мај.
„Како претседател на сите граѓани им укажав на верските лидери дека од нив очекувам како и досега да повикаат на одговорно однесување на граѓаните за време на верските празници, како и да го осудат секое однесување спротивно на мерките пропишани од државните органи. Една од клучните работи што ни ги покажа пандемијата со ковид-19 е дека без разлика на која заедница припаѓаме, сите еднакво сме под ударот на коронавирусот“,
соопшти Пендаровски.
Мерките кои се воведени за заштита од пандемијата, додава претседателот на државата, не забрануваат на ниту еден граѓанин да ја практикува својата религија.
„Ги повикувам надлежните институции да постапуваат соодветно, во рамки на одговорностите кои ги имаат за одржување на стабилноста. На сила е вонредна состојба, пандемијата на ковид-19 уште трае, а здравствените работници неуморно и со натчовечки напори секојдневно се ангажирани за лекување на нашите сограѓани кои се заразени. Вложивме многу за да ги избегнеме негативните последици со кои се соочија многу земји каде што имаше голем број на жртви и кои доведоа до затворање на храмови и светилишта како во христијанскиот, така и во муслиманскиот свет“,
се вели во писменото соопштение на Пендаровски.