За договорениот заем од 500 милиони евра што унгарската влада треба да ѝ го даде на С Македонија, премиерот Христијан Мицкоски рече дека министерствата за финансии во двете земји уште веднаш се задолжени за отпочнување на процесот
Унгарската влада ќе ѝ позајми 500 милиони евра на Владата во земјава со цел директна поддршка на домашната економија и реализација на капитални проекти во општините во државата.
Ова на денешната средба на маргините на самитот на НАТО во Вашингтон го договориле македонскиот и унгарскиот премиер, Христијан Мицкоски и Виктор Орбан. Мицкоски ја оцени средбата за исклучително квалитетна и плодна, а на неа, како што рече, е договорено двете влади во иднина да воспостават специјална економска соработка, што ќе значи сигурност и финансиска стабилност на македонска економија.
„Имајќи предвид дека воспоставуваме специјална економска соработка, тоа ќе подразбира дека во иднина кога ќе има потреба од такво нешто, ќе можеме повторно да се обратиме до нашиот специјален економски партнер, а тоа е унгарската Влада, и да побараме дополнителна поддршка што ќе биде потребна за македонската економија“,
рече премиерот Христијан Мицкоски во видеообраќање по средбата.
За договорениот заем од 500 милиони евра што унгарската влада треба да ѝ го даде на С Македонија, Мицкоски рече дека министерствата за финансии во двете земји уште веднаш се задолжени за отпочнување на процесот.
Условите под кои ќе се случи позајмицата, како што рече Мицкоски во видеообраќањето од Вашингтон, е камата од 3,25 проценти, три години грејс период, и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години.
„Овие 500 милиони евра ќе бидат употребени на следниот начин – 250 милиони евра директна поддршка за македонската економија под истите услови, 3,25 проценти камата, три години грејс период, 12 години рок на отплата или вкупно 15 години. Македонската економија ќе добие услови коишто досега не можела да ги добие на економскиот и финансискиот пазар, а 250 милиони евра ќе бидат наменети за капитални проекти кои што ќе бидат изведени во општините и ќе бидат исклучиво наменети за потребите на граѓаните“,
рече Мицкоски.
Видеообраќањето од Вашингтон Мицкоски го заврши со зборовите „Македонија се сака со дела“ и најави дека следната станица на македонската делегација е во Њујорк каде што ќе се сретне со иселениците од земјава.