Од ЦУК велат дека хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи, кој од утринава интервенираше од воздух, е повлечен поради одработени часови

Армискиот хеликоптер „ми-17“ сè уште не е почнат со интервенција за гаснење на пожарот во Неготинско, а полицискиот што од утринава беше вклучен сега веќе е повлечен откако ги исполни работните часови, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Хеликоптерот на Армијата, кој според најавите требаше околу 12 часот да биде ангажиран во гаснењето на пожарот во неготинско, сè уште не е вклучен, додека хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи, кој од утринава интервенираше од воздух, е повлечен поради одработени часови“,
информираа од ЦУК.
Како што пренесува МИА, на хеликоптерот „ми-17“ се прават последните технички подготовки и се очекува во секој момент да се вклучи во гаснењето на пожарот во Неготинско.
Од Општина Неготино информираат дека по денешната седница Штабот за заштита и спасување упатува апел до населението во селата Пештерница, Бела Вода, Калањево, Липа, Брусник и околните места да ги напуштат своите живеалишта и да се засолнат на безбедно место во градот или околните села кои не се зафатени од пожарот поради опасноста од забрзано ширење на истиот. Исто така, оттаму апелираат граѓаните на општина Неготино да не се движат кон населените места кои се во близина на пожарот.
„Правните субјекти кои располагаат со соодветна механизација во рамките на можностите, кои не ја попречуваат нивната дејност, да ги стават на располагање своите ресурси, а потребно е да се изврши и активирање на доброволните противпожарни друштва на општините Неготино и Демир Капија. Да се обезбедат и дистрибуираат потребните количини на вода за пиење и храна до спасувачите на терен“,
се дел од заклучоците кои произлегле од денешната седница на Штабот за заштита и спасување.
Оттаму апелираат до сите граѓани кои доброволно сакаат да помогнат во справување со настаната состојба да се пријават во Општина Неготино на телефонскиот број 043/361-045.
Според информациите од ЦУК, во моментов не постои директна опасност за селата Брусник, Калањево и Липа во кои трајно живеат само неколку луѓе, но истите се користат како викенд населба. Од ЦУК велат дека општината превентивно ги предупредува потенцијалните викендаши.
Од ЦУК утринава информираа дека пожарот кај армискиот полигон „Пепелиште“ сè е уште е активен во делот од селото Војшанци, кон сртот на планината Серта. Полицискиот хеликоптер беше вклучен во гаснењето за да се спречи пожарот да се префрли кон Конечка Планина каде што има густа вегетација од ниска шума, нискостеблеста иглолисна вегетација и висока трева.
Утрово од ЦУК велат дека упатиле барање за поддршка за целосно извидување на теренот од воздух до МВР, а и барање за извидување од воздух со дронови на Граничната полиција и на „Фронтекс“.