Главчев за бугарската национална агенција (БТА) изјави дека на свечено отворање на НАТО-самитот во Вашингтон најмногу разговарал со премиерот на Република Северна Македонија и посочи дека и двајцата се на исто мислење оти треба да се намалат тензиите и да се нормализираат билатералните односи меѓу двете држави
Во денешното видеообраќање Мицкоски рече дека имал динамичен работен ден на НАТО-самитот, исполнет со многу состаноци и средби. Наведе дека разговарал со црногорскиот премиер, со хрватскиот претседател, унгарскиот премиер, како и со италијанската премиерка Мелони и со шпанскиот премиер Санчез. Ги издвои и средбите со бугарскиот премиер Димитар Главчев и албанскиот премиер Еди Рама, за што од владината прес-служба испратија и фотографии
Поминаа 14 часа откако бугарскиот премиер Димитар Главчев на долго и на широко пред медиумите раскажа за средбата со премиерот Христијан Мицкоски на маргините на НАТО-самитот пред медиумите, а Мицкоски никаде го нема да ги соопшти ставовите од таа средба. Оваа реакција денеска преку соопштение до јавноста ја испрати Социјалдемократскиот сојуз, од каде што прашуваат зошто Мицкоски ја крие средбата со бугарскиот премиер Главчев на НАТО-самитот.

Од опозициската партија посочуваат дека покрај протоколарните убави зборови Главчев јасно ги повторил позициите на Бугарија – дека обврските за Северна Македонија остануваат.
„Дали Мицкоски го крие разговорот и се срами да соопшти како поминале неговите барања? Дали воопшто ги поставил барањата за промена на Преговарачката рамка? Дали било што од ветувањата кои ги даде пред граѓаните во кампањата го покренал како прашање? Или повторно, по веќе не знаеме кој пат од преземањето на власта, си ја подвиткал опашката? Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ требаше да го искористат самитот за зајакнување на македонските позиции во однос на Бугарија и Грција, но и други важни средби“,
велат од СДСМ.
Засега, според СДСМ, се добиени само насмеани селфи-фотографии од министрите, една веќе постоечка инвестиција и, како што додаваат, никаков успех на дипломатски план.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочија дека се глупави соопштенијата на опозициската СДСМ во кои, како што велат, наводно се тврди дека се криела средбата со бугарскиот премиер Главчев.
„Нема тајни средби на јавен настан пренесуван во живо“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачката партија, поминати се времињата кога поранешниот премиер Зоран Заев, како што велат, служеше за потсмев на меѓународната сцена.
„Додека самиот ја виткаше кичмата на Македонија и потпишување сè што му ставаа на маса само за да го покрие криминалот на бате Вице и неговите блиски паjташи“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што додаваат, сега и неговиот по криминал брат Филипче ја продолжува таа практика.
„За среќа, прочитани се. Тоа е грдото лице на едно поразено бреме“,
стои во реакцијата од владејачката партија.

Главчев за бугарската национална агенција (БТА) изјави дека на свечено отворање на НАТО-самитот во Вашингтон најмногу разговарал со премиерот на Република Северна Македонија и посочи дека и двајцата се на исто мислење оти треба да се намалат тензиите и да се нормализираат билатералните односи меѓу двете држави.
„Разговаравме дека е потребно да се нормализираат меѓусебните односи, како и да се вратат на нивото од 2017 година, кога беше потпишан Договорот за добрососедство“,
рече тој.
Според него, нема ништо подобро од убави и добри односи меѓу соседите.
„Може дури да се каже дека ние сме и повеќе од соседи со Република Северна Македонија. И двајцата бевме на тоа мислење, па ќе видиме што ќе се случи“,
вели бугарскиот премиер.
Покрај тоа што треба да се намалат тензиите во меѓусебните односи, Главчев на Мицкоски, како што пренесуваат бугарските медиуми, му посочил дека треба да се намалат и тензиите во изјавите на политичарите. На Мицкоски, како што рекол Главчев, му посочил и дека земјите кандидати за членство во Европската Унија мора да ги почитуваат барањата, што, според него, е став не само на Бугарија, туку и на ЕУ.

Во денешното видеообраќање Мицкоски посочи дека уште еден работен ден на НАТО-самитот што се одржува по повод 75 години од формирањето на Алијансата поминал динамично и исполнет со многу состаноци и средби кои ги имал на маргините на НАТО-самитот.
Наведе дека разговарал со црногорскиот премиер, хрватскиот претседател, унгарскиот премиер, како и со италијанската премиерка Мелони и со шпанскиот премиер Санчез.
Ги издвои и средбите со бугарскиот премиер Димитар Главчев и албанскиот премиер Еди Рама.

Од владината прес-служба испратија и фотографии на кои се гледа како на едната Мицкоски се поздравува со Главчев, а на другата како разговара со Рама.
Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот на НАТО, во чиј состав се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија, одбрана и внатрешни работи – Тимчо Муцунски, Владо Мисајловски и Панче Тошковски. Во Вашингтон е и претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој во пресрет на отворањето на самитот учествуваше на Парламентарниот самит на НАТО.