Членките на НАТО, како што вели тој, најавија испорака на пет дополнителни системи за воздушна одбрана „Патриот“ и други стратегиски системи за воздушна одбрана како помош за Украина
Поддршката за Украина не претставува милосрдие, туку инвестиција во безбедносниот интерес на НАТО, порача денеска генералниот секретар на Алијансата во воведното обраќање на заседанието на Алијансата во Вашингтон, посочувајќи дека очекува земјите членки на НАТО да решат да ја зголемат поддршката за Украина преку воспоставување на „координација за безбедносна помош и обука“ на украинските вооружени сили, како и преку обезбедување одржлива поддршка за земјата на долг рок.

„На собирот ќе бидат донесени важни одлуки за идна безбедност на земјите членки на НАТО, како и за јакнење на партнерствата во азиско-пацифичкиот регион, како одговор на растечкото зближување на Русија со Кина, Иран и Северна Кореја“,
рече тој.
Ќе има нови најави за итна воена поддршка, рече тој, вклучително и воздушна одбрана и потези за обезбедување целосна интероперабилност меѓу украинските сили и силите на НАТО.
Членките на НАТО, како што вели тој, најавија испорака на пет дополнителни системи за воздушна одбрана „Патриот“ и други стратегиски системи за воздушна одбрана како помош за Украина.
Тој изрази загриженост за брзото проширување на нуклеарниот арсенал на Кина и го повика Пекинг да се вклучи во разговори за стратегиско намалување на ризикот.
Столтенберг му се заблагодари и на домаќинот на Самитот, американскиот претседател Џо Бајден за неговото лично лидерство и силна посветеност кон НАТО во текот на многу години, што, како што рече, сите не направи посилни.
Според Столтенберг, нема подобро место за прослава на 75-годишнината од формирањето на НАТО од Вашингтон, каде што во 1949 година беше потпишан Северноатлантскиот договор со што беше создадена Алијансата.