Како што пренесуваат грчките медиуми, премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, во изјава на пристигнување на Самитот, својата земја ја нарекол – Македонија, а владата – македонска влада
Целосно спроведување на Договорот од Прееспа е од суштинско значење за Алијансата, за Западен Балкан и за меѓународната заедница. Ова денеска од НАТО-самитот, како што пренесува грчката национална телевизија ЕРТ, го изјавил грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на првата сесија на лидерите на земјите членки на НАТО, откако претходно претседателот на САД, Џо Бајден, посочил за важноста на Западен Балкан за безбедноста на Алијансата.
Мицотакис на сесијата посебно се осврнал на Договорот од Преспа, кој како што посочил, овозможи проширување на овој сојуз со пристапувањето на Северна Македонија. Според него, напредокот, безбедноста и просперитетот се засноваат на почитување на меѓународното право и меѓународните договори.
Тој, како што пренесува ЕРТ, рекол дека прекршувањето или селективната примена на Договорот од Преспа ќе го наруши кредибилитетот на сите напори за решавање на другите отворени прашања во Западен Балкан и ќе ја загрози стабилноста и безбедноста во регионот.
„Пред се договорите мора да се почитуваат. Мораме сите да го запомниме ова“,
рекол Мицотакис на првата сесија на Самиот на НАТО.
Грчките медиуми вечерва пренесуваат дека премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, во изјава на пристигнување на Самитот, својата земја ја нарекол – Македонија, а неговата влада – македонска влада.
Мицкоски денеска од Вашингтон рече дека како држава подготвени сме да го дадеме својот придонес на сето она што претставува вредност, посочувајќи дека за него претставува посебна чест и задоволство да се биде во друштво на овие луѓе и, како што рече, заедно со нив да одбележат 75 години од постоењето на НАТО-алијансата, најголемата одбранбена алијанса во светската историја.
„Тука сме заедно со нашите сојузници да ја потврдиме нашата посветеност како досега, така и во иднина дека ќе го промовираме мирот, стабилноста и владеењето на меѓународното право“,
рече тој.
Според него, Македонија како држава има намера да продолжи на тој начин да функционира и, како што рече, да ги промовира вредностите.
„Како македонска влада сакаме да бидеме рамо до рамо со нашите сојузници и да го потврдиме слободарскиот дух на македонскиот народ и на македонските граѓани“,
рече премиерот од Вашингтон.
Потврди дека државата останува посветена на исполнување на обврските, како што кажа, на минимум два отсто од БДП да бидат инвестирани во модернизација на армијата, нешто за кое посочи дека е многу важно зашто, според него, само на тој начин ќе ги следиме современите текови и ќе ја следиме најголемата светска одбранбена алијанса што некогаш постоела.
Грчкиот премиер Мицотакис, како и македонскиот претседател на Владата, Христијан Мицкоски, се во Вашингтон, каде што присуствуваат на Самитот на НАТО по повод одбележување на 75-годишнината од формирањето на воената алијанса, а кој трае од денеска до 11 јули.
И покрај очекувањата за средба на македонскиот и грчкиот премиер на маргините на самитот, таа е сè понеизвесна. Портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис пред два дена изјави дека не е предвидена, но е можна средба меѓу Мицкоски и Мицотакис.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во дебата во Вашингтон рече дека е сериозно загрижен од тоа што новата влада на Северна Македонија во внатрешната комуникација сè уште се нарекува Република Македонија.
Според Мицотакис, тоа не ѝ помага на европскиот пат на Северна Македонија и е непотребна компликација. Тој во дебатата напоменува дека проблемот со Балканот е што многу често сеништето на национализмот се појавува кога тоа никој не го очекува и како пример ја наведува Северна Македонија.
„Кога слушам дека новата влада на Северна Македонија во внатрешноста на земјата вели ‘Република Македонија’, тогаш сериозно сум загрижен и секако тоа е прашање што сакам да го покренам, не е конструктивно“,
вели Мицотакис, пренесе грчката телевизија ЕРТ.