„По однос на овие два предмети ќе донесеме одлука. Приоритет даваме на ваквите предмети, бидејќи едниот се однесува на сомнежи за прекршување на Изборниот законик и Законот за спречување корупција, додека другиот предмет е за исполнување на услови за назначување на заменик-директор“, вели претседателката Димитровска
Државната комисија за спречување на корупцијата по добиена претставка оформила предмети за назначувањето на заменик-директорката во Агенцијата за разузнавање (АР), како и по поднесена претставка од министерот за внатрешни работи за преземени дејствија од страна на поранешниот заменик-министер, информира денеска претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.

Како што посочи таа, за двете претставки се оформени предмети, побарана е документација, која, додаде дека се анализира.
„По однос на овие два предмети ќе донесеме одлука. Приоритет даваме на ваквите предмети бидејќи едниот се однесува на сомнежи за прекршување на Изборниот законик и Законот за спречување на корупција, додека другиот предмет е за исполнување на услови за назначување на заменик-директор“,
рече Димитровска на денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, каде што го образложи Годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2023 година.
Ексминистерката за одбрана и актуелна пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска, денеска обвини оти, под притисок и закани, во Министерството за внатрешни работи (МВР) во рок од една седмица биле поделени 50 незаконски решенија за распоредување полициски службеници, а дел од нив и на раководни позиции.
Покрај ова, Петровска рече дека неодамна назначената заменик-директорка во Агенцијата за разузнавање е без законски потребното работно искуство. Обвини оти на позиции во Агенцијата за национална безбедност и Службата за воена безбедност и разузнавање се подготвуваат, како што вели, партиски послушници.
За неодамнешното именување на Ивана Стојановска на позицијата заменик-директорка во Агенцијата за разузнавање пишуваше и „360 степени“.
Дилемата ја наметнаа серија мејл-пораки кои пристигнаа до нашата редакција главно поврзани со професионалната биографија на Стојановска, кои одат во насока на тоа дека таа ги нема потребните десет години работно искуство во соодветните области, неопходни за да биде именувана за заменик-директорка во АР.
Иако стажот во Агенцијата за разузнавање ѝ е помал од десет години, во одговорот од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова за искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика го наведуваат и периодот во кој Стојановска била асистентка на приватни универзитети.