Во соопштението од канцеларијата за медиуми на властите во Газа се наведува дека овој напад се случил откако израелската армија нападнала уште шест кампови за раселени лица во централните области на Газа и оти во последните неколку часа загинале најмалку 60 лица, пренесува Ал Џезира

Најмалку 29 лица загинале во денешниот израелски напад врз училиштето Ал-Авда во Кан Јунис на југот од Појасот Газа, каде што биле засолнети раселени Палестинци.
Според Ал Џезира, канцеларијата за медиуми на властите во Газа соопштила дека во нападот загинале најмалку 29 Палестинци, главно жени и деца.
Во соопштението се наведува дека овој напад се случил откако израелската армија нападнала уште шест кампови за раселени лица во централните области на Газа и оти во последните неколку часа загинале најмалку 60 лица, пренесува Ал Џезира.
Подоцна Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека тела на 19 убиени Палестинци се донесени во болницата „Насер“, по израелскиот напад извршен во близина на училиштето Ал-Авда во Абасан, во близина на градот Кан Јунис.
Се додава дека во болницата биле донесени и најмалку 53 ранети лица.
Израел сè уште не го коментира нападот, но признава дека извршил три напади од саботата врз училиштата во Газа кои се користат како засолништа за раселените лица.
Најмалку 20 луѓе беа убиени во претходните напади, соопштија официјални лица на територијата што ја контролира Хамас.
Израел рече дека сите три напади биле насочени кон милитанти кои се кријат во училиштата.
Во саботата, израелски напад го погоди училиштето Ал-Џавни во Нусејрат, во централниот дел на Појасот Газа, управувано од ОН, при што загинаа 16 лица, соопшти Министерството за здравство.
Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) соопшти дека во тоа време таму биле 2 000 луѓе.
Следниот ден, во напад на Светото семејство училиште во градот Газа загинаа четворица, објави Агенцијата за цивилна одбрана на Газа.
Во понеделникот беше погодено уште едно училиште во Нусејрат управувано од УНРВА. Локалната болница соопшти дека неколку луѓе биле однесени на лекување.
Израел соопшти дека мета биле „неколку терористи“ кои го користеле училиштето за засолниште.
Хамас ги негираше израелските тврдења дека користи училишта, болници и други цивилни објекти за воени цели.
Според УНРВА, повеќе од 500 луѓе се убиени во училиштата и другите засолништа што ги има во Појасот Газа од почетокот на војната на 7 октомври, која избувна откако Хамас го нападна Израел.