Пациентот бил задржан на одделението за интерни болести при Општата болница во Велес, а денеска бил прегледан од инфектолог, кој констатирал дека е во добра здравствена состојба и може да биде пуштен на домашно лекување
Велешанец вчеравечер бил каснат од змија во дворот на својата викенд куќа во селото Бањица, Општина Чашка, информираат од велешката болница. Оттаму велат дека семејството на 74-годишниот велешанец веднаш се јавило во службата на Итната медицинска помош, а потоа со автомобил се упатило и кон велешката болница. На пат кон болницата, кај селото Клуковец, биле пресретнати до екипите на Брзата и помош, каде што на самото место му бил даден противотров за змии.

„Му била укажана дополнителна медицинска помош, по што бил пренесен во Ургентниот центар во велешката болница“,
вели Марина Андонова, портпарол на велешката болница.
Пациентот бил задржан на Одделението за интерни болести при Општата болница во Велес, а денеска бил прегледан од инфектолог, кој констатирал дека е во добра здравствена состојба и може да биде пуштен на домашно лекување.
Според надлежните во болницата во Велес, за десетина дена ова е трето каснување од змија.
Претходно, двајца велешани од селото Војници биле каснати од змии кога го копале лозјето и наишле на змиско гнездо.
Од службата на Итната медицинска помош информираат дека по трошење на дозите на противотров за змии или антивиперинум се снабдени со дополнителни дози.
Докторите ги советуваат жителите на Велес и Велешко да бидат внимателни при престој во природа или кога работат на нива, а во случај на каснување од змии веднаш да побараат лекарска помош или да се обратат на бројот 194 на велешката Итна помош.
Изминатиот месец и Центарот за управување со кризи (ЦУК) упати апел да се внимава при прошетки во природа поради присуство на змии. Оттаму велат дека змиите најчесто бегаат од луѓето, но доколку бидат вознемирувани или случајно нагазени или наседнати тогаш може да нападнат и да каснат.
Од ЦУК потсетуваат дека змиите се дел од природата и не е препорачливо да се убиваат.