За изјавата на премиерот Мицкоски која се однесуваше на „џентлменскиот договор“ за функцијата прв вицепремиер во владата, Меџити потврди дека тоа не е законски регулирано, но дека имаат договор и оти тоа е регулирано со Деловникот на владата, во кој е точно утврдено дека постои прв вицепремиер

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити вели дека заедничка заложба е освен етничката застапеност при вработувањето да се бара и квалитет при изборот на кадрите.
„Во минатото поради партиските вработувања и од едната и од другата заедница бил запоставен квалитетот на администрацијата и затоа постојано се бара да се реформира и да биде достојна за новите предизвици за евроинтеграција. Механизмот на балансерот кој на почетокот имаше ефект за правичната застапеност на помалите заедници на ниво на републиката, исто и за Македонците на ниво на општините. Имаше многу случаи минатите години каде балансерот не беше во функција на правична застапеност, туку на злоупотреба на ова и продлабочување на дискриминацијата“,
рече Меџити во вечерашното гостување во „Топ тема“ на телевизија Телма.
Според Меџити, има заеднички заклучок дека балансерот не е во функција за тоа што бил воведен.
Тој вели дека балансерот со одлука ќе се унапреди во Закон за правична застапеност и запазување на квалитетот при вработување.
Прашан дали во владата имаат заеднички став околу балансерот и дали се согласуваат со одлуката за намалување на процентот, Меџити повтори оти ќе се водат разговори, но дека начелно има договор тој да се унапреди во законско решение.
„За другото ќе аргументираме“,
рече Меџити.
Според него, во последниот попис на населението од 2021 година има многу, како што рече, недоречености и чудни работи и на многу места бројката на попишани гласачи не одговара на таа од пописот.
За тоа дали го оспоруваат пописот или одлуката за намалување на процентот и дали очекува ВМРО-ДПМНЕ да се предомисли, Меџити рече дека сите работи ќе ги разговараат реално, со аргументи и врз основа на тоа ќе бидат донесени правите одлуки.
Меџити во гостувањето говореше и за тоа што се заеднички цели на трите партнери.
„Фокус на оваа влада е економијата, економскиот развој, животниот стандард, како и борбата против корупцијата, правна држава и евроинтеграциите“,
додаде тој.
За изјавата на премиерот Мицкоски која се однесуваше на „џентлменскиот договор“ за функцијата прв вицепремиер во владата, Меџити потврди дека тоа не е законски регулирано.
„Имаме договор. Јас сум првиот вицепремиер и тоа го објасни и премиерот. Точно е дека законски не е регулирано тоа. И во минатото, првиот вицепремиер не бил законски, но тоа е регулирано со Деловникот на владата, во кој е точно утврдено дека постои прв вицепремиер и дека тоа сум јас“,
рече тој.
Тој се осврна и на претходната влада за која рече „остави многу половични решенија, без да ги регулира со закон како што треба“.
„Мој фокус во наредните четири години нема да ми биде казино бизнисот и Лотарија на Македонија што беше главен фокус на претходниот вицепремиер“,
додаде Меџити.
Во однос на обвинувањата од Демократската унија за интеграција (ДУИ) дека земјата е претставена од моноетничка делегација на Самитот на НАТО во Вашингтон, САД, Меџити рече дека на одбележување на годишнина на НАТО се оди по функција.
„Таму е и претседателот на Собранието Африм Гаши и со неговото присуство им падна аргументот. Политички средби ќе имаме наскоро во Брисел, Лондон каде ќе има делегации зависно од темите. Орхан Муртезани ќе оди во Брисел, а јас во Лондон.Така да немаат никаков аргумент во оваа насока“,
одговори Меџити.