Неселективноста во работењето на министерот Наќе Чулев го плаши Зоран Заев оти може да тропне на неговата врата, вели Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ на прашањето во врска со вчерашната литија во Струга и барањето оставка за министерот за внатрешни работи.
„Зоран Заев е уплашен и знае дека може еден ден неселективноста во работењето на министерот Наќе Чулев може да тропне и на неговата врата. Затоа бара оставка од министерот за внатрешни работи, бидејќи секој ден министерот Наќе Чулев добива се повеќе информации за криминалите во коишто Заев и неговите блиски биле вклучени во изминатиов период“,
рече Милошоски одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, во врска со вчерашната литија во Струга, каде што учествуваа голем број на граѓани, а не беа испочитувани заштитните мерки против ковид-19, треба да се произнесе и началникот на МВР Струга.
„Моето мислење е дека треба да се добие исто така изјава од началникот на МВР во Струга, Дритон Ајро, кој е близок роднина на обвинителот Артан Ајро, кој беше ангажиран во СЈО. И сметаме дека треба началникот како прв човек на Министерството во општина Струга да ја даде својата изјава и извештај. Во однос на барањето на Зоран Заев за оставка на министерот Наќе Чулев, сметаме дека тоа би го побарал секој човек што е осомничен за криминал“,
рече Милошоски.
Според него, не би требало да има повластени, ниту селективни постапки по однос на каква било одговорност поврзана со пандемијата и пропишаните мерки.
„И како што не треба да биде пардонирана докторката Цаца Биљановска, која зарази шест нејзини колеги и доведе во ризик многу луѓе, така не би требало да биде пардониран кој било граѓанин на која било општина, доколку свесно предизвика некакви ризици и добро е што надлежните најавија дека ќе го преиспитаат овој случај“,
додаде Милошоски.
