Според статистичката анализа на ИЈЗ, заклучно со 5 мај, највисока е стапката за заразени во Куманово 281,7 заболени на 100 000 жители, потоа во Дебар 183,8, во Прилеп 170 и Велес 129,8
Возраста на заболените е од 0 до 94 години, а просекот е 45,1 години
Бројката на заболени од ковид-19 во земјава бележи пад од 15 април, кога биле регистрирани најмногу заболени – 107, според најновата статистичка анализа на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објавена денеска. Анализата се однесува на периодот заклучно со 5 мај, кога во земјава беа регистрирани 1 539 случаи.
Според исходот од заболувањето, 25,6 отсто се активни случаи, 68,7 отсто се водат како оздравени, испишани од болница или се со два негативни теста по домашно лекување. Најголем број заболени се на возраст над 60 години или 334 лица.
Согласно статистичката анализа на ИЈЗ, заклучно со 5 мај – на 1 539 потврдени случаи на ковид-19, инциденцата на 100 000 жители во земјата изнесува 74.7.
Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во Куманово со 281,7 заболени на 100 000 жители, потоа во Дебар 183,8, во Прилеп 170 и Велес 129,8. Инциденца над 50 заболени на 100 000 жители е регистрирана во Скопје, Струга, Штип и Кочани. Градови кои регистрираат од 0.0 до 0.1 инциденца на 100 000 се Свети Николе, Берово, Ресен, Кратово.
Според оваа анализа, возраста на заболените се движи од 0 до 94 години, а просекот е 45,1 години. Најголем број заболени се на возраст над 60 години (334 лица) или 21,7% со инциденца од 871 на 100.000, а највисока специфична инциденца од 115,1 на 100 000 е регистрирана кај возрасната група од 50 до 59 години (320 лица).

Најниска инциденца од 23,6 и 25,2 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0 до 9 и од 10 до 19 години, каде се пријавени 54, односно 63 случаи.
Највисок број пријавени случаи на дневно ниво (107) е регистриран на 15 април 2020 година. Оттогаш бројот на заболени, односно епидемиската крива бележи пад и соодветно на тоа, од 25 април до 2 мај регистрирани се под 30 нови случаи, а од 2 до 5 мај регистрирани се под 15 нови случаи на ковид-19.
Од пријавените случаи 23,2% (357 лица) се или биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите случаи биле или се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика. Кај 33,5% (516 лица) од дијагностицираните не се регистрирани симптоми на заболувањето.

Регистрирани се 88 смртни случаи и согласно ова стапката на смртност изнесува 5,7 отсто. Од регистрираните смртни случаи најголем дел се на возраст над 60 години (57 лица). Од починатите кај 75 отсто (66 лица) се регистрирани коморбидитети, се посочува во анализата на ИЈЗ.
Од 15 февруари до 5 мај тестирани се вкупно 17 863 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2.