Министерот за здравство најави дека следната недела измените на законот за здравство со кои се укинуваат економските директори ќе оди во Собрание, за две до три недели ќе се отпатува во Словенија за да се види искуството со спојување на нивниот Клинички центар, а исто така за две до три недели ќе биде објавена и новата позитивна листа на лекови, која ќе се обновува секоја година
Владата донела одлука со јавно-приватно партнерство во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје да се изградат две монтажни катни гаражи за да се надмине проблемот со паркирањето, а за тоа е изработена физибилити студија, откри вечерва во Тема на денот на ТВ Сител, министерот за здравство Арбен Таравари. Според него, со тоа ќе се обезбедат тројно повеќе места за паркирање.
„Монтажни катни гаражи и повеќе организирани паркинг-места коишто ќе бидат со приватен партнер. Тие ќе ги наплаќаат билетите, нормално саатница како и секаде, а пациентите и докторите коишто работат таму ќе имаат повеќе паркинг-места отколку што имаат сега“,
рече Таравари.
Министерот, кој денеска беше во посета на Клиниката за онкологија, рече дека се разговарало барем дел од пациентите терапијата да ја примаат во „8 Септември“, во Тетово и во Битола.
„Да видиме некако да не доаѓаат преголем број на пациенти во Скопје бидејќи и таму капацитетите на Онкологија се ограничени. И добив информација која што е страшна. Ќе треба да седнам со министерката за финансии пред првиот ребаланс на буџетот. Ни недостасуваат огромен број на сестри, зборам за Онкологија, техничари радиолози, физичари и доктори, да видиме во понеделник ќе седнам и со деканот на Медицински факултет да направиме некаква стратегија за специјализации“,
рече Таравари.
Министерот денеска бил и во посета на Институтот за патологија, каде, како што кажа, има само 11 патолози и затоа толку доцнат резултатите.
„Низ цела држава има 40 патолози, што е премала бројка“,
рече Таравари и додаде дека мора да се најде начин да се мотивираат штотуку дипломираните доктори да специјализираат на радиологија, на онкологија, на пример.
Тој потврди дека се размислува за зголемување на платите на лекарите, но, како што нагласи, тоа не е само добра волја на министерот.
Министерот за здравство најави дека следната недела измените на законот за здравство со кои се укинуваат економските директори ќе оди во Собрание, за две до три недели ќе се отпатува во Словенија за да се види искуството со спојување на нивниот Клинички центар, а исто така за две до три недели ќе биде објавена и новата позитивна листа на лекови, која ќе се обновува секоја година.