На почетокот на нивната средба, која беше емитувана на телевизија, Путин алудираше дека Орбан дошол во Москва како претставник на Европскиот совет. Неколку европски претставници, вклучително и лидерите на Германија, Данска и Естонија, го отфрлија тоа толкување и рекоа дека Орбан нема мандат да прави ништо освен да зборува за билатерални односи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја посети Москва, што е ретка можност некој лидер од ЕУ да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и да разговара за мировните предлози за Украина, но тоа наиде на осуда од Киев и од некои европски лидери и официјални претставници.
Орбан дојде во посета неколку дена откако тој, исто така, оствари ненајавена посета на Украина, каде што се состана со претседателот Володимир Зеленски и предложи Украина да размисли за договор за итен прекин на огнот во конфликтот со Русија.
„Бројот на земји кои можат да разговараат со двете завојувани страни се намалува“,
се пофали Орбан, велејќи дека „Унгарија полека станува единствената земја во Европа која може да разговара со секого“.
Унгарија го презеде ротирачкото претседавање со ЕУ на почетокот на јули, а на почетокот на нивната средба, која беше емитувана на телевизија, Путин алудираше дека Орбан дошол во Москва како претставник на Европскиот совет. Неколку европски претставници, вклучително и лидерите на Германија, Данска и Естонија, го отфрлија тоа толкување и рекоа дека Орбан нема мандат да прави ништо освен да зборува за билатерални односи.
Унгарскиот премиер, кој се смета дека има најтопли односи со Путин од сите лидери на Европската Унија, рутински ги блокираше, одложуваше или ги намалуваше напорите на ЕУ да му помогне на Киев и да воведе санкции кон Москва поради нејзината војна против Украина. Тој долго време повикува на прекин на непријателствата во Украина, но без да прецизира што тоа би можело да значи за територијалниот интегритет на земјата или за идната безбедност.
Тој став ги фрустрира унгарските сојузници во ЕУ и во НАТО, кои во голема мера ги сметаат дејствијата на Русија за кршење на меѓународното право и закана за безбедноста на источноевропските земји.
По средбата на Путин со Орбан, помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, изјави дека имале „искрен разговор“ за „сите прашања што се однесуваат на Украина“. Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека одлуката на Орбан да ја посети Москва е донесена „без одобрение или координација“ со Киев. Оттаму додадоа дека „принципот ‘нема договор за Украина без Украина’ останува неприкосновен“ за таа земја и ги повикаа сите земји строго да се придржуваат до него.
Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, изјави дека посетата на Москва е идеја на Орбан и дека била договорена дури во средата, пренесува руската државна новинска агенција ТАСС. Песков додаде дека Москва го цени „силниот, јасен и конзистентен курс“ на Орбан, кој има за цел да се обиде да го реши конфликтот. Путин му рекол на Орбан дека сака да ја слушне позицијата на „европските колеги“ за Украина и да разговара за планот на Москва за мир, како и билатералните односи.
Орбан истакна дека денеска е четиринаесетти пат од 2009 година тие двајца да разговараат.
Остра критика од Европа
Европските претставници и лидери остро ја критикуваа посетата на Орбан на Москва.
На 1 јули, Унгарија го презеде шестмесечното ротирачко претседавање со Советот на ЕУ, главно формална улога што може да се искористи за обликување на политичката агенда на ЕУ. Орбан рече дека сака да го искористи претседателството за да се заложи за прекин на борбите во Украина.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во соопштение рече дека посетата на Орбан на Москва „се одвива исклучиво во рамките на билатералните односи меѓу Унгарија и Русија“.
„Премиерот Орбан не доби никаков мандат од Советот на ЕУ да ја посети Москва“,
рече Борел, додавајќи дека неговиот став е „да ги исклучи официјалните контакти со ЕУ и со претседателот Путин“.
Затоа, додаде тој, унгарскиот премиер не ја претставува ЕУ во ниеден облик.
Борел истакна дека Путин е обвинет од Меѓународниот кривичен суд и дека е издаден налог за апсење поради неговата улога во присилната депортација на деца од Украина во Русија.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Орбан однапред го информирал за неговото патување во Москва, но дека „не го претставува НАТО на тие состаноци“.
Каја Калас, естонската премиерка во заминување, која е номинирана да стане шеф за надворешна политика на ЕУ, го обвини Орбан за „експлоатирање“ на унгарското претседателство со ЕУ и рече дека унгарскиот лидер се обидува да „сее конфузија“.
„ЕУ е обединета, таа јасно стои зад Украина и против руската агресија“,
напиша Калас денеска на социјалната мрежа Икс.
Шефот за печат на Орбан, Берталан Хаваси, рече дека патувањето на унгарскиот лидер е „дел од неговата мировна мисија“, како одраз на имиџот на миротворец што популистичкиот лидер го негува откако Путин испрати војници во Украина во февруари 2022 година. Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, исто така беше во Москва со Орбан, според објавата на својата фејсбук-страница.
Говорејќи за унгарското државно радио утринава, пред да замине на патувањето, Орбан рече дека е свесен оти претседателството на неговата земја со ЕУ „не ни дава право да преговараме во име на никого“.
Без да ги спомне извештаите дека планира патување во Москва, тој рече дека неговото патување во Киев оваа недела „не бара мандат, бидејќи јас ништо не застапувам“.
„Единствено што правам е да одам таму каде што има војна или закана од војна, што има негативни последици и за Европа и Унгарија“,
рече Орбан.
Други претставници на ЕУ изразија вознемиреност поради тоа што Орбан го започнал патувањето по своја волја, без одобрение од другите земји на ЕУ. Во четвртокот, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на социјалната мрежа Икс рече дека „ротирачкото претседателство со ЕУ нема мандат да соработува со Русија во име на ЕУ“.
„Европскиот совет е јасен: Русија е агресор, Украина е жртва. Не можете да зборувате за Украина без Украина“,
напиша Мишел.
Орбан е првиот лидер на ЕУ што ја посети Русија и разговараше со Путин откако австрискиот канцелар Карл Нојхамер ја посети Москва во април 2022 година, само неколку недели откако Путин им нареди на своите војници да влезат во Украина.