„За оваа цел е донесена и одлука за одложување на имплементацијата на Концепцијата за основно образование во седмо, осмо и деветто одделение“, велат од МОН

Седмоодделенците од септември ќе може да ги користат учебниците кои се применуваа и досега, а ќе имаат и додатни материјали за теми кои недостасуваат. Ова е преодното решение до кое по неколкудневните разговори дошле Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО).
Додатните материјали, како што информираат од МОН, ќе бидат изработени од страна на Бирото и тоа за теми кои е предвидено да се изучуваат годинава.
„За оваа цел е донесена и одлука за одложување на имплементацијата на Концепцијата за основно образование во седмо, осмо и деветто одделение“,
се вели во соопштението од МОН.
Од МОН велат дека предизвикот со генерацијата ученици кои од септември ќе бидат седмо одделение е настанат поради тоа што досега не биле изработени нови учебници за нив согласно новите наставни програми и Концепција.
„Иако претходното раководство јавно информираше дека сите учебници се изготвени и се печатат, реалноста е дека ниту еден не е испечатен, а најголем дел не се ниту изработени, ниту одобрени“,
додаваат од МОН.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вчера во телевизиско гостување рече дека на 1 септември ќе има учебници за сите ученици од прво до деветто одделение, со исклучок на неколку предмети за кои претходното раководство во Министерството не ги обезбедило и можеби ќе се доцни со нивната изработка.
Во минатото, како што рече, се одобрувале и се печателе учебници за кои имало и негативно мислење од рецензентските комисии и Бирото за развој на образованието и, како што рече, ова се елементи кои треба да се истражат и да се лоцира одговорност.
За новоизбраната министерка за образование и наука Весна Јаневска, во Концепцијата за основно образование „најпроблематична е интеграцијата на предметите“ што, како што вели, не било прифатено ни од стручната фела, ниту од наставниците практичари. Ова е дел од одговорот на Јаневска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, за најавениот процес на ревизија на Концепцијата за основно образование донесена во март 2021 година, период кога министерка беше Мила Царовска.