Мерките треба да креираат додадена вредност за да се реконструира економијата, преку јакнење на јавната и приватната потрошувачка, велат од владејачката партија
Економскиот совет на СДСМ дефинира нов пакет мерки за заживување на економијата и иден подинамичен развој, објави премиерот Оливер Спасовски на Фејсбук.
„Мерките треба да креираат додадена вредност за да се реконструира економијата, во правец на директна поддршка за граѓаните и домаќинствата преку јакнење на јавната и приватната потрошувачка, дополнителен стимул за компаниите за иден, подинамичен развој на македонската економија и вложување во домашното земјоделство“,
наведува Спасовски.

Тој натаму потенцира дека следува период кога Владата, министерствата и директорите на економските институции ќе разговараат со синдикатите, коморите и сите други соодветни институции и ќе ги објавуваат овие мерки.
Претходно, од СДСМ соопштија дека партијата развива нов пакет мерки, во правец на директна поддршка за граѓаните и домаќинствата преку јакнење на јавната и приватната потрошувачка, за полесно надминување на економските последици од коронавирусот.
„Сега кога здравствената криза полека го губи интензитетот се фокусираме на развивање на економски мерки за дополнителен стимул за компаниите за иден, подинамичен развој на македонската економија.Преку мерки на краток, среден и долг рок, преземаме чекори во насока на стабилизација на економијата, а потоа и враќање брзо на економскиот раст и развој“,
се наведува во соопштение на СДСМ.

Владата, предводена од СДСМ, како што се наведува во партиското соопштение, презеде навремени и сериозни мерки за помош на граѓаните, на економијата, и спас на што повеќе работни места.
„Досега вкупно бројот на компании кои добиле некаков вид помош и кои аплицирале за поддршка изнесува околу 30 000. Во моментот, голем интерес има за помошта за плата од 14 500 денари по вработен, за која досега аплицирале над 23 359 компании, или околу 30% од активните субјекти. За оваа мерка се пријавиле 6 000 самостојни вршители на дејност или повеќе од 45% од регистрираните.Од линијата кредити ‘Ковид 1’ досега се одобрени вкупно 631 кредитни апликации за исто толку компании со 5 588 вработени. За втората линија бескаматни кредити ‘Ковид 2’ се примени 2 400 апликации“
велат од СДСМ.
