Во честитката упатена до Џо Бајден, претседателката се заблагодарува за поддршката на САД во поглед на спроведувaњето на реформските процеси на земјава и нагласува дека работата за нивна реализација ќе продолжи и натаму за исполнување на крајната цел – унапредување на благосостојбата на граѓаните, полноправно членство во ЕУ, а со тоа и подигнување на статусот на земјава и зголемување на нашата сила како сојузник во НАТО
Горди сме на традиционалното пријателство со американскиот народ, посветени сме на неговото натамошно зацврстување, како и на унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес – пишува, меѓу другото, во честитката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова до својот американски колега Џо Бајден по повод 4 Јули – Денот на независноста на Соединетите Американски Држави.
Во свое лично име и во име на македонските граѓани, Сиљановска-Давкова упати желби за просперитет и за сестран развој на САД и „за благосостојба на пријателскиот американски народ“.
„Овој 4 Јули, американските граѓани ја прославуваат 248-годишнината од усвојувањето на Декларацијата за независност и ги слават принципите на слобода и на еднаквост коишто се вградени во овој документ, што претставува инспирација за многу народи во светот. Стремежот на татковците на американската нација да формираат влада, којашто го застапува и ја црпи својата моќ од народот е подеднакво валиден до денешен ден и за многу други народи и концепти на управување, вклучувајќи го и македонскиот“,
пишува Сиљановска-Давкова во честитката до американскиот претседател.
Во честитката упатена до Џо Бајден, претседателката се заблагодарува за поддршката на САД во поглед на спроведувaњето на реформските процеси на земјава и нагласува дека работата за нивна реализација ќе продолжи и натаму за исполнување на крајната цел – унапредување на благосостојбата на граѓаните, полноправно членство во ЕУ, а со тоа и подигнување на статусот на земјава и зголемување на нашата сила како сојузник во НАТО.
„Како стабилен партнер и докажан сојузник на САД во НАТО-aлијансата, остануваме фокусирани на заедничките определби за безбедност, слобода и демократски просперитет со учество во заедничките активности во борбата против заканите врз стабилноста и мирот во Европа и во светот“,
додава Сиљановска-Давкова.
САД денеска одбележуваат 248 години од усвојувањето на Декларацијата за независност на 4 јули 1776 година.